Слава на народните херои од партизанскиот одред „Даме Груев“

Петар Божиновски-Пецо

По бугарската фашистичка окупација бил член на Воениот комитет на Битола. Во 1941 година бил ангажиран во подготовките за оружена борба и станал еден од иницијаторите и организаторите на првиот битолски партизански одред „Пелистер“, а подоцна станал борец и во битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“. Организацијата решила Битолскиот партизански одред да излезе во пролетните месеци на 1942 година. Името на Петар Божиновски станало особено познато меѓу народот за време на акцијата на Битолскиот партизански одред во селото Смилево, на Илинден 1942 година. На големиот македонски празник, бугарските окупаторски власти се собирале во Смилево, но биле изненадени од ненадејниот напад од страна на партизаните, при што бил заробен кметот на селото. Божиновски особено се истакнал и во нападот на железничката станица Српци на 15 ноември 1942 година.

Естреја Хаим Овадија-Мара

Во 1938 година, со неполни 16 години се активира во Еврејското хуманитарно друштво „Визо“ во родниот град. Подоцна истата година, заминала на работа во Белград. Нејзиниот револуционерен активизам дошол до израз за време на демонстрациите на 27 март 1941 година во Белград. Била на чело на работничката група поттикнувајќи општ револт против предавничката политика на југословенската влада. Тоа била доволна причина да стане членка на СКОЈ, а потоа уште поинтензивно да го продолжи своето револуционерно дејствување. По капитулацијата на земјата, во 1941 година се вратила во Битола и се вклучила во подготовките за оруженото востание.
Членка на КПЈ била од 1942 година. Непосредно пред депортацијата на македонските Евреи се илегализирала на 10 март 1943, а потоа на 5 април 1943 година заминала прво како борец на партизанскиот одред „Даме Груев“, потоа во партизанскиот одред „Гоце Делчев“ и во други единици на НОВ и ПОМ. Учествувала во борбите за одбрана на слободната територија во Западна Македонија, а меѓу борците била позната како храбрата болничарка Мара. Учествувала и во Февруарскиот поход. Загинала во борба со бугарските окупаторски сили, во близината на врвот Кајмакчалан на 25 август 1944 година. Тогаш имала само 22 години.

Илија Јовановски-Цветан

Познат е и како Илија Игески–Цветан или Иле Игески–Цветан, а од неговите соборци, поради својата храброст, бил нарекуван Чапаев, по името на рускиот командант во Црвената армија, Василиј Иванович-Чапаев. Тој е еден од првите партизани што активно учествувале и партизан што прв ја информирал општата јавност за почетокот на востанието во Македонија. По неколку борби во Мариово се формирала и Втората македонска ударна бригада, а Цветан бил назначен за заменик-командант на баталјонот „Мирче Ацев“. На Илинден таа година се формирала Петтата прилепска бригада и Цветан бил назначен за заменик-командант. Бригадата забележала почетен успех и стигнала со борбите до Порече. При борбите во Порече, бригадата налетала на бугарски бункери. Бидејќи немала друг излез, бригадата јуришала кон бункерот, а Цветан бил во првиот борбен ред. Со бомби пробале да го рушат бункерот, но не успеале. Потоа Цветан пробал со оружје да го нападне бункерот, но во тој момент бил смртно ранет. Животот на Илија Јовановски згаснува на 28 август 1944 година во селото Здуње, Македонски Брод. Цветан не го дочекал слободен Прилеп, што, пак, се случило десет дена подоцна од неговата смрт.

Јосиф Јосифовски-Свештарот

Како стипендист се школувал во Крагуевац, Шумадија, а потоа студиите ги продолжил на Правниот факултет во Белград. Учествувал во сите демонстрации, протести и акции во Белград што ги организирале студентите, поради што бил апсен. Станал член на КПЈ во 1938 година. Неколку месеци по окупацијата, во септември 1941 година бил испратен во Ресенската околија како инструктор на ПК на КПЈ за Македонија. Негова задача била да помогне во кревањето оружено востание во тој регион, каде што бил уапсен од страна на италијанската полиција.
На 6 јули 1942 година на планината Бигла бил формиран партизанскиот одред „Даме Груев“, а Јосифовски бил поставен за политички комесар. Потоа бил наименуван за политички комесар на баталјонот „Мирче Ацев“, а во септември 1943 година за политички комесар на Втората оперативна зона во Македонија. Загинал на 6 октомври 1943 година кај селото Кленоец, Кичевско, во борба против балистичките банди и германските сили, штитејќи ја слободната територија во Западна Македонија. Заедно со него во оваа борба загинaле повеќе од 70 партизани.

Вангел Нечевски-Тунелот

Роден е во Битола во работничко семејство. Уште како млад се вработил во тутунската станица во Битола. По окупацијата на Кралството Југославија во Втората светска војна, Нечевски се вклучил во СКОЈ. Веднаш се вклучил во акциите на месната партиска организација за растурање пропаганден материјал, собирање оружје и вршење курирски должности.
Во почетокот на 1942 г. бил уапсен и интерниран во Бугарија. По половина година помината во интернација се вратил во Битола. Но поради своите активности веќе не можел да остане во градот и на 4 јули 1942 г. заминал во партизанскиот одред „Даме Груев“. Во одредот извршувал низа курирски задачи што ги добивал како курир на Главниот штаб на Македонија. Се истакнал со снаодливост и храброст при една задача од декември 1942 година, кога пренесувал партиски материјал од Грција во Битола, при што бил опколен од граничари, на кои успеал да им помогне и да го спаси материјалот. Во 1943 година по налог на Главниот штаб на Македонија фатил врска со Кавадарскиот одред, кој се наоѓал во егејскиот дел на Македонија, а во оваа задача поминал девет дена низ целосно непознат терен. Во текот на 1942, 1943 и поголемиот дел од 1944 година одржувал редовна врска со грчките и албанските партизани, пренесувајќи најдоверливи материјали и префрлајќи најодговорни политички и воени раководители и делегати на Врховниот штаб од Македонија. Пред крајот на војната станал заменик-командант на дивизија.