Под мотото „Засади со љубов, за Кисела Вода“, вчера во општината Кисела Вода се одржа масовна акција за пошумување. На акцијата ѝ претходеше повик од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и локалната самоуправа, кој беше поддржан од многу јавни личности, спортисти, лица од естрадата, кои учествуваа во пошумувањето. Илјадници граѓани, претставници на дипломатскиот кор, спортски здруженија, еколошки здруженија, општествено одговорни компании, советниците од Советот на Општината и административните службеници засадија околу пет илјади садници на шест локации

Општина кисела вода со акција за пошумување

Шест локации во општината Кисела Вода вчера беа пошумени, во акцијата насловена „Засади со љубов, за Кисела Вода“. Акцијата ја поддржаа многу јавни личности, кои учествуваа во раззеленувањето на оваа скопска општина. За граѓаните ова е одличен потег, кои велат дека на нивната општина токму ова ѝ е потребно. За другите скопјани, овој пример треба да го следат сите локални власти, бидејќи само со зеленило градот може да се спаси од преголемото аерозагадување.

„ЗАСАДИ СО ЉУБОВ, ЗА КИСЕЛА ВОДА“

Под мотото „Засади со љубов, за Кисела Вода“, вчера во општината Кисела Вода се одржа масовна акција на пошумување. На акцијата ѝ претходеше повик, преку видеоспот, организиран од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и локалната самоуправа, кој беше поддржан од многу јавни личности, спортисти, лица од естрадата, кои учествуваа во пошумувањето. Илјадници граѓани, претставници на дипломатскиот кор, спортски здруженија, еколошки здруженија, општествено одговорни компании, советниците од Советот на Општината и административните службеници засадија околу пет илјади садници на шест локации: новиот парк „Иднина“, кај кружниот тек, на трим-патеката, на Теферич, кај новата градинка во Усје, во паркот на Есенинова и во паркот „Македонија“. Покрај ова, се садеше и во сите основни училишта и градинки од општината.
– Започнуваме со акција што планираме да ја направиме редовна и традиционално да се одржува секоја година во исто време. Под слоганот „Засади со љубов, за Кисела Вода“, денеска садиме 5.000 дрвца на повеќе локации низ општината Кисела Вода, пред сѐ за нови или постојни паркови или места што се доста фреквентни, а на кои сме направиле анализа дека има потреба од дополнително зеленило. Освен што на овој начин ќе го зазелениме и облагородиме просторот, сакаме да ја издигнеме и јавната свест дека секое дрво значи помош за обнова на екосистемот, за намалување на загадувањето, за спречување поплави и ерозии – истакна градоначалникот.
Овие пораки, како што истакна тој, ги упатиле и преку видеоспот, заедно со многу естрадни личности, спортисти, лица што значат нешто во јавниот живот, преку кој ги повикаа граѓаните масовно да се приклучат и заедно да направат нешто убаво за себе, за своите најблиски и за Кисела Вода.
– Очигледно пораката одекна силно, така што денеска на сите шест локации има огромен одзив. Тука, во паркот „Иднина“, со мене е амбасадорот на Република Полска, тука се голем број лица од јавниот живот, огромен број граѓани, на терен се и целата администрација, советот и советниците, спортски клубови, дрвца се садат и во сите училишта и градинки на територијата на општината Кисела Вода. Сакам да им се заблагодарам и ним, како и на сите донатори и пријатели на општината, што преку својата општествена одговорност ја поддржаа акцијата и покажаа дека ја сакаат Кисела Вода – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

ГОЛЕМА ПОДДРШКА ОД ГРАЃАНИТЕ

Граѓаните велат дека ова е потег што треба да го следат сите градоначалници во Скопје, па и во цела Македонија.
– Она што најмногу му треба на Скопје е зеленило. Урбаната мафија го зема својот данок, многу дрвја беа исечени, многу зеленила бетонирани. Ова е акција за поздрав, вакви акции се потребни во сите општини. Дрвјата ни се потребни повеќе од кога било, бидејќи загадувањето на воздухот е во животозагрозувачки размери и само зеленилото би ни помогнало колку толку да се прочисти воздухот – вели Нина Стојковска, жителка на оваа општина.
Според другите жители на Скопје, вакви акции не само што треба да има почесто туку ова треба да стане акција на годишно ниво во сите општини во градот.
– Дрвја и зеленило се потребни насекаде низ Скопје, од Шутка до Драчево, од Ѓорче до Радишани… Насекаде недостига зеленило. Ваквите акции треба да станат навика, треба да станат традиција, само така ќе го раззелениме Скопје. На градот му должиме многу, порано беше град со многу зеленило, сега не можеме да најдеме дрво да седнеме под сенка во летните периоди – вели Боби Цветановски, еден од поддржувачите на акцијата.