На прашањето кои се штетните ефекти од појавата на облаците со сахарски прав, експертите велат дека тоа значи оти ќе се зголемат концентрациите на ПМ 10 честички и тоа ќе трае некој ден. Имајќи предвид дека станува збор за покрупни честички, кои не навлегуваат длабоко во дишните органи, според нив, можно е само некои повозрасни лица да почувствуваат одредени проблеми. Честичките поголеми од 10 микрометри не се вдишливи, така што може да ги оштетат само надворешните органи – најчесто предизвикувајќи иритација на кожата и очите и појава на конјунктивитис

НЕВООБИЧАЕН МЕТЕОРОЛОШКИ ФЕНОМЕН ДЕНЕСКА И УТРЕ НАД МАКЕДОНИЈА

Денеска и утре се очекува да дојде од појава на облаци со сахарски прав кај нас во Македонија, укажуваат хидрометеоролозите. Би рекле ништо невообичаено, бидејќи овој феномен е присутен кај нас во неколку наврати секоја година и веќе на извесен начин сме подготвени за него. Сепак, не пречи да се укаже на штетните последици од него, како и за преземање соодветни мерки за да се избегнат штетните последици. Или, да се послужиме со апелот на Хрватската хидрометеоролошка служба, која покрај вообичаениот апел за доаѓање на сахарските песочни облаци, ги предупреди граѓаните да не ги мијат своите возила.
Според експертите, новиот облак сочинет од песок од Сахара доаѓа од Шпанија и Франција кон Балканскиот Полуостров, каде што ќе се задржи неколку дена, а притоа ќе ја зафати и нашата земја. Токму затоа, треба да се види каква е состојбата во Скопје и во Македонија и дали и колку е штетен овој сахарски прав и како да се заштитиме.

ПРИСТИГНА ПЕСОКОТ ОД САХАРА

Во текот на денешниот ден, во земјава ни пристигнува сахарски прав што кај нас во поголеми концентрации ќе се задржи два дена, а со помала концентрација ќе биде присутна уште ден или два потоа. Ова се информациите што ги добивме од Управата за хидрометеоролошки работи, околу појавата на сахарски прав.
Според синоптичарите, оваа појава воопшто не е ретка. Пренос на песок од Сахара ни се случува повеќе пати годишно, што е највидливо на автомобилите, бидејќи имаат бели дамки на нив.
– Сахарскиот прав е појава што е присутна над територијата на целата држава и тоа не се случува многу ретко. Кај нас се случува неколкупати годишно. Како што е вообичаено, тоа значи дека ќе се зголемат концентрациите на ПМ 10 честички и тоа ќе трае неколку дена. Концентрацијата на овие честички ќе биде зголемена над целиот Балкан – вели дежурниот синоптичар во УХМР, Борис Секирарски.
На нашето прашање колку и дали се штетни овие честички, тој рече дека станува збор за покрупни честички, кои не навлегуваат длабоко во дишните органи и, според него, можно е само некои повозрасни лица да почувствуваат одредени проблеми.

ШТО Е ТОА САХАРСКИ ПРАВ И КОЛКУ Е ШТЕТЕН ПО ЧОВЕКОВОТО ЗДРАВЈЕ

Песочните бури обично се случуваат кога силни ветрови ќе подигнат големи количества песок и прав од голи и суви почви во сахарските предели. Правот што во форма на облак доаѓа од Сахара се состои главно од ситни парчиња минерали, кои порано биле карпи.
Откако ќе се ослободат од површината, честичките од прав се подигнуваат на повисоки нивоа во тропосферата со турбулентно мешање и конвективни нагорни струи. Тие потоа можат да се транспортираат со ветрови долго време, во зависност од нивната големина и метеоролошките услови, пред повторно да паднат на земјата. Просечниот животен век на честичките од прав во атмосферата се движи од неколку часа за честички со дијаметар поголем од 10 микрометри, до повеќе од десет дена за помалите.
Според една анализа направена од страна на „Национал географик“, научниците одамна предупредуваат дека дишењето ситни честички не е добро за белите дробови. Постојат многу извори на нездрави фини честички, а најчесто тоа се изгорените фосилни горива и земјоделските загадувачи, кои го оптоваруваат воздухот со микроскопски ситни честички, кои потоа ги иритираат белите дробови.
Во една студија објавена во „Нејчр сустеинабилити“, научниците ги следеле ефектите на правот што доаѓал од местото Бодел во Чад, еден од најголемите, најистакнатите извори на прав во светот. Правот од таа депресија е пронајден дури и на Гренланд и во Јужна Америка, а нејзините облаци се најгусти и најштетни во Западна Африка и во супсахарска Африка. Воздухот таму држи толку многу прав што понекогаш е тешко да се дише.
Научниците следеле 15-годишни записи за влијанието на правот врз квалитетот на воздухот во заедниците на африканскиот континент. Откриле дека од концентрацијата на прав, директно зависи дали новородено бебе ќе преживее една година. Во Западна Африка, ако правот го згусне воздухот за околу 25 проценти – дополнителни 10 микрограми прав на секој кубен метар воздух – веројатноста тоа бебе да преживее се намалува за 18 проценти.
Сахарскиот правлив облак е концентриран систем за испорака на фини честички што му штетат на човековото здравје. Респираторните заболувања се водечка причина за смрт и инвалидитет низ целиот свет, вклучувајќи и во Соединетите Американски Држави. Опасностите од изложеноста на лошиот квалитет на воздухот се добро познати, а научниците ги поврзуваат долгите периоди на изложеност со повисоки ризици од смрт од ковид-19.
Она што е клучно, се големината на честичките од прав и потенцијалната опасност што ја предизвикуваат по здравјето на луѓето. Честичките поголеми од 10 микрометри не се вдишливи, така што може да ги оштетат само надворешните органи – најчесто предизвикувајќи иритација на кожата и очите и појава на конјунктивитис.
Секојдневната или честа изложеност на ПМ 10 честички може да предизвика сериозни здравствени проблеми, а кај некои и смрт. Кардиоваскуларни импликации, како аритмии, срцеви удари, астма и бронхитис, се само мал дел од влијанијата што загадениот воздух ги предизвикува кај граѓаните. Изложеноста на ПМ 10 може да предизвика иритација на очите, носот и на грлото.

КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ ЗА ПОЈАВАТА?

Главната причина за појавата на овие сахарски облаци се силни ветрови, но голем удел во нивната појава имаат луѓето и нивните (не)дела за да ги намалат и спречат климатските промени. Тоа може да одреди дали во иднина ќе има повеќе или помалку прав и дали ќе биде подебел или поредок.
Според Натали Маховалд, климатска научничка од универзитетот „Корнел“, дошло до зголемување на сахарскиот прав во дваесеттиот век. Според неа, околу половина од зголемувањето е поради климатските промени, а другата половина е веројатно под влијание на зголемувањето на искористеноста на земјиштето во Сахара, бидејќи земјоделската и човечката експлоатација на земјиштата е зголемена.