Фото: Маја Јаневска-Илиева

Општина Центар ги задолжува инвеститорите што поднесуваат барање во согласност со Законот за градење да обезбедат паркинзи за велосипеди секаде каде што има простор и можност истите тие да се постават. Исто така, Општина Центар овозможува поставување паркинзи за велосипеди и кај сите постојни станбени, деловни и други јавни објекти што имаат простор за нивно поставување!

Стануваат ли конечно паркинзите за велосипеди реалност

Скопјани сѐ повеќе се ориентираат кон велосипедски сообраќај, бидејќи, освен што е побрз и полесно може да се стигне до саканата дестинација, истиот тој е значително поевтин, особено сега, кога цените на сѐ, вклучувајќи го и горивото, се значително повисоки. Возењето велосипед е здраво, корисно за човечкиот организам, економично и полесно. Сепак, голем проблем за велосипедистите досега беше нивното безбедно паркирање, па така најчесто велосипедите, на оние места каде што нема соодветни паркиралишта, се заврзуваа за разни огради и дрвја, а тоа се и локации добро совладани од страна на криминалците што се занимаваат со кражби на велосипеди, па токму оттаму и најчесто ги крадат овие превозни средства.

ЗАДОЛЖЕНИЕ ЗА ГРАДЕЖНИЦИТЕ

Општинските власти на Центар на неодамнешната седница на Советот на Општината донесоа одлука со која инвеститорите на новите станбени, деловни и јавни објекти ќе мораат во рамките на градежната парцела да планираат паркинзи за велосипеди.
Општина Центар ги задолжува инвеститорите што поднесуваат барање во согласност со Законот за градење да обезбедат паркинзи за велосипеди секаде каде што има простор и можност истите тие да се постават. Исто така, Општина Центар овозможува поставување паркинзи за велосипеди и кај сите постојни станбени, деловни и други јавни објекти што имаат простор за нивно поставување.
– Уредувањето и обезбедувањето на овие паркинзи за велосипеди во рамките на една градежна парцела треба да е правопропорционално на бројот на станбени единици и бројот на паркинг-места за моторни возила предвидени и содржани во објектот што е предмет на барањето, во согласност со Законот за градење, како и на веќе изградените станбени и други објекти што не се предвидени за домување на територијата на Општина Центар – информираат општинските власти.
Оттаму додаваат дека Општината наложува минималниот потребен број на паркинг-места за велосипеди кај новите и реновирани станбени згради со повеќе од три паркинг-места за моторни возила да биде две паркинг места за велосипеди за секоја станбена единица.
– Минимално потребниот број на паркинг-места за велосипеди кај нови и реновирани објекти што не се предвидени за домување со повеќе од пет паркинг-места за моторни возила да биде едно паркинг-место за велосипед за секое паркинг-место за моторно возило – потенцираат оттаму.
Надлежните потенцираат дека од вкупниот број паркинг-места за велосипеди, минимум 50 отсто треба да бидат заштитени од кражба и атмосферски влијанија, предвидени во приземјето или на првото подземно ниво на објектот, во документациите што се дел од постапките за издавање одобрение во согласност со Законот за градење.
– Одредбите од оваа одлука се применуваат во постапките од Законот за градење, при што веќе изградените деловни објекти треба да ги уредат и усогласат инфраструктурата и опремата за паркинг за велосипеди во рок од две години од стапувањето во сила на оваа одлука, додека имателите на други објекти, кои не се предвидени за домување и кои имаат паркинг-простор со повеќе од пет паркинг-места за моторни возила треба да ги уредат и усогласат инфраструктурата и опремата за паркинг за велосипеди во рок од една година од стапувањето во сила на одлуката – заклучуваат од Центар.
Општина Центар преку уредувањето паркинг за велосипеди во рамките на една градежна парцела има цел да обезбеди простор наменет за паркирање и чување велосипеди на имателите и корисниците на објектите, како и да стимулира поголема употреба на еколошки превозни средства. Преку оваа одлука ќе се овозможи намален метеж во сообраќајот, но и намалена загаденост на воздухот од користење моторни возила.
– Инаку, оваа нова мерка произлезе од барањата на здружението за урбан велосипедизам „На точак“, за кои градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, поднесе иницијатива до општинскиот Совет, по што истата таа беше прифатена. Општина Центар е отворена за соработка и со сите други граѓански здруженија што имаат проекти важни за граѓаните. Исто така, Општината продолжува да ги застапува интересите на граѓаните преку реализирање мерки што се во согласност со нивните потреби – информираат од Центар.

ОДЛИЧНА ИДЕЈА ЗА СИТЕ ОПШТИНИ

За скопјани оваа идеја е одлична и велат дека е потребно секоја општина да го следи овој пример, бидејќи значително им помага на граѓаните што користат велосипеди како свое превозно средство.
– Идејата е да не речам брилијантна и потребна е во секоја општина што поскоро, посебно во оние што се урбанизираат. Еве, кај нас во Чаир, нема место ни за пешаци, а камоли за велосипедисти. Паркиралишта за велосипеди, пак, можеме само да сонуваме. Многу мал број деловни објекти имаат обезбедено паркиралишта за велосипеди. Кај нас има простор и место исклучиво само за автомобили, бидејќи тие ни ја имаат узурпирано населбата – вели Кадир М., жител на оваа општина, корисник на велосипед.
И жителите на скопски Аеродром велат дека ваквиот потег ги обврзува градежниците да мислат и на оваа категорија учесници во сообраќајот, а не само на возачите.
– Кај нас има голем број згради и голем и сериозен проблем со паркирањето, за кој општинските власти неодамна изнаоѓаа голем број решенија во соработка со „Градски паркинг“. Сепак добро би било кога би се нашло решение и за нас велосипедистите бидејќи ние најчесто велосипедите си ги носиме дома, на тераса и таму ги чуваме. Замислете, секој ден треба да го влечкаме велосипедот од тераса до долу, и тоа секојдневно, по неколкупати во текот на еден ден – вели Билјана Стевковска.