Фото: Игор Бансколиев

Старите и дотраени возила што одамна не се во возна состојба, а се оставени на јавните површини во општината Кисела Вода, конечно заминуваат во историјата. Општинските власти отворено објавија „војна“ против овие долгорочни загадувачи и узурпирачи на јавните простори во општината

Кисела Вода во решителна акција за отстранување на дотраените возила што не се во возна состојба

Хаварисаните возила, освен што го нагрдуваат просторот, претставуваат и голема опасност за животната средина, но и за околината, особено оние што со години стојат на јавни простори. Грдата слика на популарно наречените „крнтии“ и распарчените делови што стрчат во близина на детски игралишта и паркови е дополнета со опасноста од нивното скапување. Наместо на депонии што се лиценцирани за да прифатат стари и хаварисани возила, сопствениците ги оставаат на јавни површини на штета на сограѓаните, но и на животната средина.

АКЦИЈА ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ

Хаварисаните, стари и дотраени возила оставени на јавните површини во општината Кисела Вода конечно заминуваат во историјата.
Општинските власти отворено објавија решителна акција против овие долгорочни загадувачи и узурпирачи на јавните простори во општината.
Надлежните од Општина Кисела Вода неодамна соопштија дека во заедничка соработка со ПСОН – Кисела Вода и РСБСП – Скопје, започнуваат акција за изрекување опомени до имателите на хаварисани возила за отстранување на моторното возило поради попречување на одвивањето на сообраќајот и загрозување на човековата околина.
– Доколку возилото и покрај опомената, не биде отстрането во рок од 15 дена или најдоцна до 30.3.2022 година, тоа ќе го стори пајак-службата, но на сметка на сопственикот на возилото. Исто така, против него ќе биде изречена глоба во мандатна постапка во врска со членот 63 во согласност со Законот за безбедност и сообраќај на патиштата – информираа од Кисела Вода.
Хаварисаните возила не се моментални, но сепак се огромни загадувачи на почвата и водата, бидејќи во овој период од годината има големи врнежи од дожд, кои ги измиваат сета нечистотија, прашина и ’рѓа од возилата.

ГРАЃАНИТЕ СО ПОДДРШКА

За граѓаните оваа акција е за поздрав, бидејќи, освен што вака оставените возила значително ја нагрдуваат околината, дополнително претставуваат и опасност за најмладите.
– Истите возила стојат на истите места со години и навистина се ризик за животот на нашите деца, кои, пак, се мали и љубопитни, сакаат да истражуваат и да се качуваат. Детската фантазија е бујна, па некои од нив дури и влегуваат во пооштетените возила и играат во нив, воопшто не размислувајќи за сите лоши последици што можат да им се случат доколку се повредат, исечат или изгребат од возилото – вели Ана Стојановска, жителка на Кисела Вода.
Дополнително, за жителите на оваа општина, проблем се и узурпацијата на јавните површини и нагрдувањето на околината.
– Со издишани гуми, валкани, а некои од нив служат како склад за отпад, навистина не изгледа убаво во 21 век да ги имате во населба што е близу до центарот на градот. Ние сме една од најурбанизираните населби и една од најатрактивните за прошетка, па навистина не личи да имаме вакви грди изданија по паркинзите и улиците – вели Марјан Тодоровски.