Фото; Макфакс

Во Град Скопје денеска свечено беа доделени признанијата на најдобриот пожарникар, полицаец и крводарител за 2022 година.

За најдобар пожарникар во 2022 година истакнат со особено ефикасно и успешно работење е прогласен Иво Цветковски, предложен од Командирот на вод на Бригадата за противпожарна заштита. Цветковски изминатата година учествувал во гаснењето на бројни пожари и учествувал во технички интервенции со придонел за намалување на материјални штети и спасување на човечки животи.

За најдобар полицаец е прогласен Илија Алексовски, вработен во Полициската станица од општа надлежност Центар при СВР Скопје. Алексовски е предложен од Секторот за внатрешни работи Скопје, за особени резултати при реализација на многубројните задачи и активности за потребите на СВР Скопје, како и за значаен придонес во тимот.

Ардит Ќаили е најдобар крводарител на подрачјето на Град Скопје за 2022 година, предложен од Црвениот крст на Град Скопје, како докажан млад волонтер од организацијата во Чаир. Со своите 23 години, како волонтер е истакнат како позитивен пример, за поттик на младите да станат крводарители и волонтери во хуманитарни акции.