Во Автокоманда најголем проблем за возачите е наоѓање паркинг место, па се користат и тротоарите - Фото: Игор Бансколиев

ЗОНСКО ПАРКИРАЊЕ ЗА СПАС ОД СООБРАЌАЈНИОТ МЕТЕЖ

Едни задоволни, други и не толку, затоа што ќе мора да се плаќа за паркинг. Сепак, граѓаните односно жителите на оваа населба, главно, ја прифаќаат оваа идеја за плаќање паркинг-место. За издвојување е дека некои од оние граѓани со кои разговараше „Нова Македонија“ имале и поинаква идеја за решавање на проблемот со паркирањето

Автокоманда е едно од населените места во Скопје во кои од преголем број возила, како што велат жителите на населбата, „нема каде игла да се фрли“. Во битката да се најде слободно паркинг-место, жителите и оние што работат во оваа скопска населба своите возила ги паркираат каде што ќе стигнат, на тротоари, тревници… Проблемот станува сериозен изминативе години, бидејќи е загрозена безбедноста на пешаците, особено на старите и на децата, затоа што во оваа населба, на растојание од само неколку метри, се лоцирани две детски градинки и едно основно училиште.

НАЈПРВИН РЕД ВО ПАРКИРАЊЕТО

Конечно ќе му се стави крај на сообраќајниот метеж во Автокоманда. Жителите на оваа скопска населба дадоа позитивно мислење за воведување зонско паркирање, бидејќи, како што велат, ред мора да се воведе и тука.

Изминатиот период, Општина Гази Баба реализира теренска анкета за испитување на јавното мислење на жителите на населбата Автокоманда за воведување зонско паркирање.
– За време на теренската анкета се изврши посета на секое домаќинство во населбата, по што од резултатите може да се утврди дека жителите на Автокоманда даваат поддршка за воведување зонско паркирање – информира градоначалникот на Општината, Бобан Стефковски.

Оттаму додаваат дека од 951 испитано домаќинство, 632 одговориле позитивно, а 266 негативно. Педесет и три домаќинства не сакале да дадат одговор.
Според Стефковски, носењето на одлуките се реализира според мислењето на граѓаните, што значи дека наскоро за паркинг-простор во оваа населба ќе мора да се плаќа.

ГРАЃАНИТЕ ПОДЕЛЕНИ ОКОЛУ НАЈАВИТЕ ЗА ЗОНСКО ПАРКИРАЊЕ

Едни задоволни, други и не толку, затоа што ќе мора да плаќаат за паркинг, сепак, граѓаните односно жителите на оваа населба, главно, ја прифаќаат оваа идеја.
Сепак, некои од оние со кои разговараше „Нова Македонија“ велат дека проблемот може да се реши и на поинаков начин. Тие предлагаат да биде воспоставено резидентно паркирање, кое жителите на општината не би го плаќале бидејќи имаат жителство таму. Во тој случај би плаќале само гостите и оние што работат таму или, пак, како што е случајот со улицата Орце Николов во Центар, „дојденците“ воопшто не би смееле да паркираат таму.
– Јас живеам и работам тука и, иако зонското паркирање можеби ќе воведе ред, сепак, тоа значи загуба за нас што работиме тука, бидејќи досега секој можеше бесплатно да паркира, да пазари, да купи што му треба, а сега тоа се менува. Сето ова ќе биде на штета на нас трговците и ние ќе го преземеме најголемиот товар на грб. Затоа мислам дека треба да се размисли за она што е познато како резидентно паркирање – вели сопственик на трговски објект во оваа населба.

Автокоманда е населба каде што има голем број фирми што функционираат, а тоа значи дека има и голем број вработени од други општини. И за нив проблемот е деликатен, бидејќи тоа значи дека ќе треба да плаќаат за да паркираат.
– Одлуката за зонско паркирање значи месечно да треба да одвојуваме одреден износ, дали поголем или помал, зависи од тоа колкави ќе бидат цените, за да можеме да паркираме. Тоа автоматски значи удар на нашиот буџет, односно негово оптоварување – вели вработен во една од фирмите лоцирани во оваа скопска населба.

За жителите, пак, ова е најдоброто нешто што можело да се случи. Тие велат дека конечно ќе му се стави крај на самоволието на многумина, кои буквално паркирале каде ќе стигнат.
– Конечно го дочекавме и тоа, да биде воведено зонско паркирање. Ние како жители не можеме да се паркираме од сите што доаѓаат од страна, независно дали работат тука, дали пазарат или дошле на прошетка. Се паркираат каде ќе стигнат, се блокираат улици… Јас го поддржувам овој предлог и, да бидам искрена, едвај чекам да се имплементира. Колку пати само комбињата што вршат достава во градинките, пред мои очи стоеле на улица, бидејќи самиот влез во градинката бил блокиран, не ни можам да набројам. На овој начин, конечно ,и тука ќе се воведе ред, ќе се знае кој си има резидентно паркиралиште, а кој ќе треба да си плаќа за паркинг-местото – вели Славица Николовска, жителка на оваа скопска населба.

ГОРЛИВ ПРОБЛЕМ ЗА СИТЕ ОПШТИНИ

Проблемот со паркинг-простор не е само во Автокоманда. Тоа е проблем на цело Скопје и поради тие причини локалните власти наоѓаат начини да ги решат овие горливи проблеми за жителите, но и за посетителите на општините.
Од тие причини, во централното градско подрачје, поточно на улицата Орце Николов во Центар, во јуни, мораше да се воведе паркинг само за резидентите на овој потег, бидејќи тие не можеа да најдат паркинг-простор, како последица на оние што одат во околните ресторани и кафулиња. Паркингот за другите граѓани на овој потег е забранет, па доколку сепак одлучат да ги паркираат своите возила тука, ќе добијат соодветна казна и возилото ќе им биде блокирано со блокатор.

Со големи тешкотии со паркиралиштата се соочи и Општина Карпош, од каде што пролетва најавија дека ќе се имплементира системот на зонско паркирање, за решавање на хаосот во паркирањето. Како што информираа тогаш општинските власти, паркирањето за станарите е бесплатно за две возила, додека за оние што не се жители на Карпош, паркирањето ќе чини 25 денари за еден час. За оние што работат на територијата на општината, месечната карта изнесува 800 денари, а за гостите десет денари за еден час паркирање. Зонското се воведува во Карпош 1 и Карпош 2, каде што изминатите години е забележан огромен проблем со паркирањето.
Нови паркинзи летово се градеа и во Општина Чаир, каде што проблемот со паркирањето се прелева на улиците, па се блокира и сообраќајот. И тамошните жители веќе подолго време бараат решавање на проблемот, бидејќи се принудени да паркираат по должината на булеварите Христијан Тодоровски Карпош и Цветан Димов, за што, пак, добиваат казни од сообраќајната полиција.