Петмина турски државјани се пронајдени и безбедно вратени кон Скопје, откако се изгубиле на Водно, соопшти вечерва Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– По добиениот повик на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК дека на паркингот кај Милениумски Крст на Водно се наоѓаат пет лица, турски државјани, кои се изгубиле и не знаеле да се спуштат надолу откако се стемнило, од Секторот за операции и координација на ЦУК се известени дежурните од полицијата, СВР Скопје, кои веднаш тргнале со возило. Притоа, од ЦУК им бил даден и телефонскиот број на пријавителот, турски државјанин, за да се оствари и непосредна комуникација преку Вибер, согласно потребите – се посочува во соопштението од ЦУК.
Во 18.10 часот, петмината турски државјани се пронајдени и од кај месноста Милениумски Крст на Водно, согласно остварените контакти со СВР Скопје, се земени со возило на полицијата и безбедно се симнати кон градот.