Трите контејнери што беа запалени завчера на Бит-пазар, на булеварот Крсте Петков Мисирков, се целосно уништени и неупотребливи

Не е првпат контејнерите и кантите за отпадоци во Скопје да бидат цел на уништување. Уништувањето е најчесто во форма на палење на садовите за отпад, кои,
за разлика од оние во минатото, кои беа метални и имаа поголема отпорност на високи температури, се пластични и можеби се попрактични за работа од страна на надлежните од комунална хигиена, меѓутоа многу помалку се отпорни на дејствата на неодговорни поединци и граѓани, кои со своите поведенија (подметнување оган, одложување на пепел, жар, масти и масла, шут и киселини) брзо ги амортизираат и ги прават неупотребливи

ПОВТОРНО СЕРИЈА ОПОЖАРЕНИ КОНТЕЈНЕРИ ЗА СМЕТ ВО СКОПЈЕ

Трендот на палење контејнери зема сѐ поголем замав. Се чини дека решение за овој вандалски чин нема, бидејќи овој проблем станува хроничен за јавното комунално претпријатие „Комунална хигиена“. Штетата по граѓаните и по градот е повеќекратна. Од една страна граѓаните остануваат без контејнери во кои го фрлаат ѓубрето и мораат да се снаоѓаат и да го оставаат отпадот и на несоодветни места, при што се прави неред во хигиената и се загадува околината. Второ, при честата појава на запалени контејнери за смет се ангажираат пожарникари за да го изгаснат пожарот. И наместо пожарникарите да бидат достапни за некаде каде што можеби ќе спасуваат човечки животи, тие го губат времето справувајќи се со пироманските навики на поединци со психолошко нарушување.
Трето, претпријатието што се грижи за дислоцирање на фрленото ѓубре ќе мора да одвои финансиски средства за да набави нови контејнери – садови за отпад.
Проблемот со подметнувањето пожар во контејнерите за смет е повеќестран и повеќеслоен. Затоа се апелите на дбронамерните граѓани да запре оваа „пироманска забава за поединци“. На апелот се придружуваат и пожарникарите, а и јавното комунално претпријатие „Комунална хигиена“.

Многу од контејнерите и кантите за отпадоци се целосно уништени и неупотребливи

Не е првпат контејнерите и кантите за отпадоци во Скопје да бидат цел на уништување. Уништувањето е најчесто во форма на палење на садовите за отпад, кои, за разлика од оние во минатото, кои беа метални и имаа поголема отпорност на високи температури, се пластични и можеби се полесни за вработените што ги празнат, но и лесно запаливи.
Завчера гореше на Бит-пазар. Опожарени беа три контејнери на булеварот Крсте Петков Мисирков. Контејнерите, за жал, се целосно уништени и не можат да се употребуваат повторно.
Вработените во „Комунална хигиена“ веднаш ги заменија со нови, бидејќи оваа локација не може да функционира без нив. Ова е едно од најфреквентните места каде што се создава големо количество комунален отпад.
– Ова е трет случај годинава од страна на непознати сторители да бидат опожарени садови за отпад на истата локација. ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје апелира да престане уништувањето на контејнерите, за екипите на претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен, во согласност со оперативната програма за работа – информираа од претпријатието.
Оттаму додаваат дека сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени до надлежните органи и апелираат до МВР во најкраток можен рок да бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите.

Превенирање на сите поведенија што водат до уништување на јавното добро

За жал, контејнери во Скопје се палат речиси секој месец. Ако не се големи садови за отпад, тогаш се канти за отпадоци, и тоа претежно оние лоцирани на автобуските станици.
„Нова Македонија“ во неколку наврати пишува и тематски обработува прашања што ги засегаат сите граѓани на метрополата. Нашата цел е да се превенираат сите дејства што водат до уништување на јавното добро, но и да им се укаже на надлежните за засилени контроли и инспекции, за да се заштитат имотот и опремата што се плаќаат од џебот на граѓаните.
За жал, нема што многу да се преземе, освен да се чека на полицијата да ги открие сторителите.
Во неодамнешна изјава од претпријатието ни нагласија дека ова е доста голем и сериозен проблем, на кој тие му посветуваат должно внимание. До август евидентирале уништување на 40 канти за отпадоци што биле поставени на автобуските станици, но тука завршуваат нивните ингеренции.
– „Комунална хигиена“ нема ингеренции во смисла на санкционирање на граѓаните што ги оштетуваат контејнерите или кантите за отпадоци, тоа е надлежност на МВР. Апелираме до граѓаните за совесност кон јавните добра и хигиената во градот – ни изјавија тогаш од јавното претпријатие.
Граѓаните велат дека ова не е никаков новитет и додаваат дека допрва очекуваат сериозен проблем со опожарени контејнери.
– Зимскиот период значи и греење на домовите најчесто на дрва. Знаете ли колку од моите соседи фрлаат пепел и жар директно во контејнерите? Само пред мои очи тоа се случило барем десет пати. На почетокот влегував во расправии им објаснував дека не смеат да се однесуваат така, бидејќи, тука, во Чаир каде што живееме, има огромен број суви дрвја, но и паркирани автомобили. Малку да излезе огнот од контрола ќе имаме пожар од невидени размери и со сериозни последици – вели Ивана Ангелевска, жителка на Чаир.
Дополнително, голем проблем е тоа што се ангажираат пожарникари, кои, наместо да бидат достапни за ангажман за некоја посериозна работа, мора да се занимаваат со гасење намерно подметнати пожари во контејнери.
– Тој што пали воопшто не размислува дека пожарникарите можеби се потребни на друго место. Или на некоја сообраќајна несреќа, каде што треба да помогнат да се извадат потенцијалните жртви, или на гасење некој пожар, или на вадење давеник. Меѓутоа, како очекуваме некој да разбере колку е сериозна импликацијата од нивното неодговорно однесување, кога одлучил да си ги пали контејнерите од занимација? – вели Борис Цветановски од скопската населба Бутел.