Во Мичурин се гради парк од над 3.000 квадратни метри

Во населбата Мичурин, во Општина Аеродром, веќе се одвиваат градежните работи за изградба на таканаречениот Урбан парк. Паркот се гради на постојното игралиште спроти ОУ „Блаже Конески“ и ќе зафаќа површина од 3.573 квадратни метри. Освен зелени површини, во негов состав е планирано детско игралиште. Ќе има и пешачки патеки со клупи, комбинирано спортско игралиште за рекреација, како и место за игри за најмладите. Зеленилото, според планираното, ќе се наводнува од планираниот артерски бунар.
­- Општина Аеродром, освен овој парк, во наредниот период ќе изгради повеќе паркови на различни локации. Два ќе бидат во Стар Аеродром, покрај улиците Методија Шаторов-Шарло и Пандил Шишков. Нов парк ќе се гради и меѓу булеварот Трета македонска бригада и касарната „Гоце Делчев“, како и на улицата Бојмија – информираат од Општина Аеродром.

Во центар стигнаа машините за рециклирање шишиња

Пристигнаа првите девет од планираните 27 повратни вендинг-машини за пластични и стаклени шишиња набавени од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, кои локациски ќе бидат поставени низ целата територија на Општина Центар.
– Центарци наскоро ќе го започнат светскиот тренд во рециклирањето и ќе се вклучат во светскиот тренд за одржување на јавната чистота, за да обезбедат здрава и чиста животна средина во општината. За секое доставено шише за рециклирање, жителите на Општина Центар ќе добиваат по 1,5 денар на новата платежна картичка „Грин пеј кард“, која ќе биде пуштена во употреба по поставувањето на машините. Со оваа картичка тие ќе имаат можност да купуваат со попуст во одредени маркети, продавници, локали и слично или да плаќаат за услугите, кои ги нуди претпријатието – објаснуваат од Општина Центар.
До крајот на 2020 година ќе бидат поставени уште 18 повратни вендинг-машини, кои ќе бидат обезбедени од Општина Центар.