Ве информираме дека менаџментот на комплексот “Македонско село“ донесе одлука за затворање на комплексот и истиот престанува да работи од 18.10.2018 (четврток). Ви благодариме за сите заеднички моменти, убави спомени и посети во изминатите години“. Ова на Фејсбук е објавено утринава.

Комплексот го сочинуваат 12 тематски куќи, а секоја претставува по еден град од Македонија – беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора. Инвестицијата вредна 6,5 милиони евра се наоѓа наспроти манастирот Св. Пантелејмон во Нерези, а нејзин концесионер е некогашниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ. Одлуката донесена од менаџментот на комплексот е соопштена преку социјалните мрежи. Тодоровиќ е недостапен да ги објасни причините за затворањето.

Тодоровиќ за етно-селото плаќа концесија од 3 500 евра со ДДВ, за што доби на располагање комплекс од 12 000 квадратни метри, односно ресторан, музеј, амфитеатар, воденица и други објекти.

Комплексот „Македонско село“ е инвестиција на Владата вредна 6,5 милиони евра. Изградбата чинеше 5.2 милиони евра, за внатрешно уредување беа потрошени 1.3 милиони евра, 24 илјади евра беа потрошени за електромобили кои служеа за пренесување на куферите на гостите во селото, 4 200 евра беа потрошени за патоказите и ознаките на комплексот, а 2 700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.

Тодоровиќ три години стопанисува со „Македонско село“. Владата во 2016 година, по распишаниот оглас за концесија, ги избра фирмите „Квинс“ и „Тинекс“ бидејќи дале највисока сума за кирија.