Во завршна фаза е изградбата на детска градинка во населеното место Миладиновци, капитален проект што Општина Илинден го реализира во соработка со Министерството за труд и социјална политика. Вкупната вредност на инвестицијата е 30 милиони денари, од кои од буџетот на Општина Илинден се обезбедени 24 милиони денари и шест милиони денари од Министерството за труд и социјална политика.

Од Општината велат дека новата детска градинка се простира на површина од 540 метри квадратни со капацитет за згрижување на 90 деца на возраст од две до шест години, како и на деца на возраст од девет месеци до две години, односно ќе бидат воведени јасли.
– Градинката се наоѓа веднаш до централното општинско основно училиште „Браќа Миладиновци“ и новоизградената амбуланта во населеното место Миладиновци.

Со нејзината изградба ќе се создадат услови за згрижување на најмладите од околните населени места каде што живеат приближно 4.000 жители – велат од Општината.
Градоначалникот Жика Стојановски изврши посета и направи увид на текот на градежните работи на овој исклучително значаен проект за Општина Илинден. Објектот ќе биде пуштен во употреба во септември годинава.