Клупите и кантите за отпад се најчеста цел на вандалите Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зошто низ градот се кршат клупи, реквизити во детските игралишта, канти за отпад? Луѓето што намерно уништуваат урбана опрема имаат излив на агресија против општествените добра, бидејќи знаат дека ќе поминат неказнети, сметаат психолозите

Искршени клупи, канти за ѓубре, канделабри или друг вид градска опрема се секојдневна слика. Последен вандализам беше регистриран во парк-шумата Гази Баба, каде што една седмица по поставувањето беше искршена урбаната опрема. Искршени беа огласна табла, масичка, клупи и други предмети. Атаката на реквизитите во паркот беше осудена од граѓаните, а надлежните се погрижија повторно да го обноват уништеното. Апелираа до сите граѓани да ја чуваат и да ја одржуваат поставената опрема во парк-шумата и низ целата општина.

Скопјани велат дека понекогаш се сведоци на тоа како млади момчиња се однесуваат агресивно и кршат. Скопјанка вели дека лично забележала како момче што изгледало интелигентно, уредно и убаво облечено, одненадеж почнало да ги превртува со клоци новите канти за отпад во Градскиот парк. Повозрасните деца ги кршат и ги уништуваат реквизитите за забава наменети за помалите деца во детските игралишта. Резултат од ваквите дејства е уништено јавно добро што ни користело на сите, а за кое потоа повторно треба да се потрошат пари на граѓаните. Така беше и со уништените реквизити во парк-шумата Гази Баба. Градските власти информираа дека таа се простира на над 100 хектари, а тие имаат одвоено 1 милион денари за реконструкција на паркот.

Ваљон Салиу, портпарол на градот Скопје, акцентира дека постојано работат на реконструкција на паркот затоа што несовесни граѓани ги уништуваат реквизитите.

– Апелирам до граѓаните да го чуваат јавниот простор затоа што ги користиме сите. Со ваков вандализам, нема простор за инвестирање во нешто ново, но цело време е потребно да се реконструираат работите што се таму – објасни тогаш Салиу.

Материјалната штета од вандалите секако е голема, но она што ги води да ги повторуваат делата е сознанието дека ќе поминат неказнето. Тоа го потврдуваат и психолозите. Тие имаат интересно објаснување за ваквото однесување, па велат дека има луѓе што поради структурата на личноста не можат да ги држат под контрола внатрешните импулси и постапуваат како што ќе им дојде во моментот. Второ е кога внатре во човекот се собираат толку многу агресија и лутина, така што луѓето не можат да се справат со толку многу насобрани емоции и од каква било причина може да изразат незадоволство од животот, од промашена цел, лутина и незадоволство од општеството, доживување од некоја немоќ.

– Тие луѓе имаат излив на агресија против општествените добра, бидејќи знаат дека ќе поминат неказнети. Во основата на таквите постапки се агресијата, незадоволството, внатрешната борба или продукт на општествената немоќ да ги решат проблемите. Со кршењето на клупата тие не го решаваат проблемот, ама ги изразуваат незадоволството, лутината. Од структурата на личноста зависи и начинот на реагирање. Би било добро да има еколошка полиција и да ги опоменува да си побараат психолошка помош, бидејќи има нешто што си носат внатре, во себе. Кај луѓето, пред сѐ, треба постои одговорност, свесност да се грижиме за нашиот дом, ама и клупите се дел од нашиот дом, бидејќи ги плаќаме сите ние. Треба да бидеме свесни дека на тој начин сами на себе си правиме зло. На тие клупи кога ќе остареме ќе седиме и ние, ќе седат и нашите деца. Општеството треба да се грижи повеќе за менталното здравје на граѓаните – вели Мирјана Стојановска Јовановска психолог психотерапевт.

Вандалски беше уништена урбана опрема и во парк-шумата Гази Баба

 

[email protected]