Министерството за економија ги повика граѓаните во државата редовно да си ги намируваат обврските кои ги имаат кон енергетските компании.
– Секој граѓанин кој се снабдува со електрична енергија во државата има обврска да плати за електрична енергија толку колку што потрошил – повикаа од министерството.
ЕВН: Жителите на липковско Слупчане пак не ги пуштија екипите, бараат да им се простат долговите
Оттаму додаваат дека Министерството за економија согласно надлежностите кои произлегуваат од Законот за енергетика, креира клима, со цел да се намалат загубите во пренос и дистрибуција на електрична енергија како и неовластено користење на електрична енергија.
– Затоа повикуваме дека секој граѓанин треба да плати за тоа што го потрошил бидејќи така функционира пазарната економија. Ги повикуваме сите надлежни институции да постапат согласно нивните надлежности и да се реши проблемот со снабдување со електрична енергија во Слупчане и околните села и да се овозможи работа на екипите на ЕВН Македонија – се наведува во соопштението на Министерството за економија.
Селото Слупчане и Оризари се сè уште без напојување, поради дефектот предизвикан од мештаните по упад во мрежата.
Од ЕВН велат дека се додека не се создадат нормални услови за работа и се загарантира сигурноста на вработените на Електродистрибуција, нема да работат на санација на дефекти или да извршуваат редовни работни активности во овие села.