Фото: Општина Прилеп

По смртта на 52-годишната прилепчанка, по извршена рутинска гинеколошка
операција – киретажа во прилепската болница, реакциите не стивнуваат.

Според информациите, триесет часа после киретажата, пациентката била префрлена на Инфективната клиника во Скопје, била на кислород, во тешка септична состојба, а резултатите од крвната анализа биле лоши. Подоцна починала. Од прилепската болница денеска пристигна писмено соопштение.

– Кај пациентката Гордана С. по протокол се земени три последователни хемокултури од кои во првата хемокултура е најдено присуство на Staphylococcus epidermidis, а останатите две се негативни. По протокол, уште пред добивањето на наодот од Микробиологија емпириски е отпочната комбинирана антимикробна терапија која беше соодветна на добиениот антибиограм од првата хемокултура. Наодот им беше соопштен на Клиниките на терциерно ниво, каде пациентката беше трансферирана и на кои беше ординирана и проширена соодветна антимикробна и останата терапија. Се чека обдукцискиот наод од Институтот за патологија – велат од прилепската болница.

Сите операциони сали во прилепската болница се затворени сѐ додека не се
добие наодот од испитувањата. Ка.М.