Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Полицијата ги обезбедила сите учесници во инцидент во скопската населба Чаир, во кој со нож е тешко повредено 13-годишно дете, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тој информира дека се приведени вкупно пет лица, а повреденото дете се наоѓа во многу тешка здравствена состојба и се бори за живот.

– Едно лице моментално е во многу тешка здравствена состојба и се бори за живот. Станува збор за малолетник, а според првичните информации добиени од службите во Министерството, и лицето што го извршило кривичното дело е малолетно. Детето со тешки телесни повреди и детето што ги нанело повредите се иста генерација, родени во 2012 година – изјави Тошковски.

Министерот зборуваше при денешната посета на Средното полициско училиште „7 Мај“, каде што ги поздрави новопримените ученици по повод почетокот на нивното образование.

Тошковски оцени дека пораката од овој настан е страшна и дека насилните кривични дела извршени од малолетници претставуваат предизвик и за многу поголеми и поразвиени држави.

– Станува збор за ужасно насилни кривични дела извршени од малолетници, при што кривичноправниот и општествениот одговор е многу поинаков отколку кога станува збор за полнолетни лица. Како општество мораме да навлеземе подлабоко во проблемот и да обезбедиме поширок институционален одговор – од надлежните министерства, родителите, центрите за социјална работа, МВР, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование, здравствените установи и Министерството за здравство. Ова навистина е еден од најужасните предизвици што ги имаме пред нас – порача Тошковски, пренесува МИА.

Јавното обвинителство претходно соопшти дека на инцидентот му претходувала расправија, која прераснала во физичка пресметка. Според првичните наводи на Обвинителството, тешко повреденото дете извадило нож и им нанело убодни рани на другиот малолетник и на неговиот татко. Малолетникот потоа му го одзел ножот и го пробол во градниот кош.

Надлежните институции продолжуваат да ги утврдуваат сите околности под кои се случил инцидентот.