Фото: МДТ/Фејсбук

Министерството за дигитална трансформација ги разгледува со должно внимание сите наоди и препораки на Државниот завод за ревизија, кои ги сметаме за важен инструмент за подобрување на институционалното работење, финансиската дисциплина и транспарентноста, информираат од Министерството за дигитална трансформација.

– Најголем дел од констатираните проблеми се наследени состојби од поранешното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), кои се акумулирале со години, а дел од нив повеќе од една деценија. Новото Министерство за дигитална трансформација, формирано во 2024 година, наследи нецелосни евиденции, нерешени имотно-правни прашања, судски постапки и административни пропусти кои претходно не биле соодветно адресирани- велат од министерството.

Оттаму додаваат дека особено е важно да се нагласи дека целосен и суштински попис на имотот не бил спроведуван во изминатите десет години, што довело до сериозни неусогласености меѓу фактичката состојба, сметководствената евиденција и расположливата документација.

– Наведените објекти со книговодствена вредност од еден денар се токму пример за ваквата наследена и неуредна евиденција, а не показател за нивната реална пазарна вредност – се вели во соопштението испратено до медиумите.

Како што наведуваат оттаму, Министерството веќе презема активности за расчистување на имотната состојба, усогласување на евиденциите, обезбедување на потребната документација и воспоставување ред во управувањето со државниот имот. Дел од забелешките се веќе надминати, додека за останатите се спроведуваат конкретни корективни мерки.

– Дополнително, Министерството наследи и повеќе судски постапки кои произлегуваат од одлуки и обврски создадени во претходните години. Овие предмети се разгледуваат поединечно, во соработка со надлежните институции, со цел нивно законито разрешување и минимизирање на финансиските последици врз државниот буџет. Станува збор за правни и финансиски обврски кои не исчезнуваат со промената на раководството, туку мора одговорно да се решаваат. Во однос на наодите за јавните набавки, финансиската евиденција и внатрешните контроли, Министерството веќе даде одговор на ДЗР дека станува збор за исплата на набавки на други институции, каде што министерството е корисник (чистење и обезбедување на објекти, службени патувања и телефонија). Свесни сме и за предизвиците со недостигот од кадар, кои дополнително се усложнуваат заради разликата во висината на платите во државниот и приватниот ИТ сектор. Зајакнувањето на административните и стручните капацитети останува еден од приоритетите на Министерството. Нашиот пристап не е проблемите да ги прикриваме или да ги оставаме на некое следно раководство. Напротив, решени сме да го расчистиме институционалното наследство, без оглед колку долго овие прашања биле занемарувани – се вели во соопштението.

Од Министерството додаваат дека остануваат целосно отворени за соработка со Државниот завод за ревизија и за спроведување на неговите препораки.

– Наша обврска е паралелно со развојот на новите дигитални услуги и модернизацијата на државата да изградиме и институција со уредна евиденција, законито работење и одговорно управување со јавните средства – велат од МДТ.