Фото: М.М.

По жестоката Фејсбук-кавга помеѓу градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претседателката на Советот, Габриела Илиевска, за утре е закажана вонредна седница на Советот.

Седницата на барање на градоначалникот Коњановски поради важноста на некои точки ја закажа претседателката на Советот, Габриела Илиевска.

На дневен ред на седница ќе се најдат точките за донесување одлука за давање на согласност за конфинансирање на проектот за изработка на техничка документација за „Реконструкција на каскадите и слапишта како и дел од општествените речни ѕидови на реката Драгор на потегот од мост на Индустриски пат се до 500 метри над Црн Мост“, потоа донесување на програма за измена и дополнување на Програмата за економски развој на Општина Битола за 2023 година и заклучок на Советот за усвојување на Извештајот на општинската Комисија за проценување на штети од елементарни непогоди во општина Битола настанати од невремето – град и поплави на ден 27.05.2022 година.

Инаку во пресрет на утрешната седница денеска за време на посетата на Битола, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов истакна дека 26-та седница на Советот била неправилно прекината.

-Точките што се изгласани до прекинот на седницата не се потпишани што е прекршок, а продолжението на седницата е со потребно мнозинство и точките што се изглaсани со тоа мнозинство ќе бидат потврдени. Има деловнички точки што бараат квалификувано мнозинство, кои не можат да бидат прифатени, но во секој случај ќе направиме напор да продолжи седницата на Советот и да се нормализира функционирањето на Општината Битола. Најдобро е Советот да продолжи да
работи во интерес на граѓаните – изјави министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов при денешната посета на Битола. М.М.