Атлетичари од Велес и Куманово, за 79-годишнината од погибијата на Коста Солев Рацин ќе организираат ултра- маратон од Велес до планината Лопушник во должина од 150 километри. Маратонците планираат овој пат да го изминат во период од пет дена или секојдневно да се движат по околу 30 километри, потврди Верољуб Додевски еден од учесниците на овој ултра-маратон.

-Покрај другите активности одбележувањето на годишнината од смртта на Коста Солев Рацин ќе биде збогатена и со ултра-маратон од Велес до планината Лопушник во должина од 150 километри, во кој ќе земат учество 4 до 5 добро подготвени тркачи аматери.Според програмата во четврток 9 јуни ќе стартува ултра маратонот од Велес, потоа ќе продолжи преку Богомила, прилепските Костинци и Ропотово и преку Македонски Брод, Пласница, Кичево, Извор се до споменикот на планината Лопушник. Според нашата програма дневно ќе бидат совладани околу 30 километри пат за период од 10 часа. Групата ќе има своја логистика во едно патничко возило во кое ќе има се што е неопходно за попатно ноќевање или исхрана – нагласи Верољуб Додевски, член на атлетско-рекреативен клуб „ Борец“ од Велес.
Ултра-маратонците потоа ќе се вратат на почетната одредница со возилото што беше во нивна придружба.

З.А.