Работници во Јавното комунално претпријатие „Тетово“ денеска почнаа штрајк поради неисплатени повеќе плати и немање здравствено осигурување, објави МИА. Работниците од прва смена, како и дел од другите смени, се собраа пред просториите на „Комунална хигиена“ и не отидоа на терен за да го собираат сметот од контејнерите.
– Се собравме денеска поради тоа што ни доцнат плати и немаме здравствено осигурување. Пред 40 дена сме зеле плата, а ни должат вкупно три или четири плати, зависи од работникот. Здравствено осигурување немаме веќе четири, пет месеци, одиме приватно, кој има пари ќе се лекува, кој нема ништо. Додека не дадат плата нема да се работи – изјави работникот Кочо Трпевски.
Работниците се револтирани и велат дека нема да го собираат сметот, без разлика колку ќе се собере.
– Да ни се пуштат платите, три плати ни доцнат, ако не пуштат плата нема да излеземе на терен. Ќе седиме и ние три месеци, пет месеци. Не е ова првпат. Секој месец се зајмуваме. Има над 120 работници. Ако нема плата нема собирање на сметот, нека биде што сака, до Бог нека се собере сметот. Секој месец вака. Само во Тетово е вака. Оди во Гостивар, Струга, каде што сакаш, имаат плати, само кај нас нема пари. Како може тоа – вели Нусрет Бајрами.
На почетокот на ноември општина Тетово потпиша договор со претставници на словенечката компанија од групацијата Саубермахер за јавно приватно партнерство со кој на фирмата и се отстапува стопанисувањето со отпадот. Според најавите од општината преземањето на комунална хигиена треба да биде од 1 јануари 2024 година.
– Од сега Тетово има еден проблем помалку – рече Касами по потпишувањето.
Претставници на групацијата „Саубермахер“ истакнаа дека имаат речиси три децениско искуство во менаџирање со отпадот во дваесетина градови во повеќе земји. Вработените ќе бидат преземени од нивната компанијата.
– Тоа може ќе биде подобро, ама моментално не знаеме ништо. Тоа е во иднина. Бараме да ни исплатат заостанатите плати и што имаме проблем со осигурување на време. Не е работа секој месец да се собираме за да добиеме плати. Да се расчистат овие три месеци. После нека дојде словенечка фирма. Не сум јас крив, пак ќе работиме, платата да ни се пушти за три месеци – изјави Нусрет Бајрами.
Од Општина Тетово денеска информираа дека ќе имаат состанок со работниците за надминување на проблемот.
И во декември 2022 работниците на Комунална хигиена штрајкуваат и не работеа поради доцнењето на платите. Тогаш Општина Тетово префрли пари на сметка на комунално претпријатие за да се исплатат неисплатените плати и придонеси.
Општина Тетово: Работниците од „Комунална хигиена“ ќе се префрлат во ново претпријатие
Од Општина Тетово по повод денешниот штрајк на работниците во „Комунална хигиена“ испратија допис во кој образложуваат дека ќе обезбедат исплата на заостанатите плати. Според нив, формирањето на две нови комунални претпријатија и соработката со словенечката фирма преку јавно-приватно партнерство е начинот на кој ќе се обезбеди трајно решение.
– За справување со предизвиците и неуспехот на општинското претпријатие, одлучено е формирање на две нови претпријатија, едно за водовод и канализација и едно за менаџирање со отпадот. Важно е да се напомни дека Општина Тетово веќе има потпишан договор со приватен оператор и овој договор, кој стапува на сила на 1 декември 2023 година, ќе резултира со префрлување на работниците од општинското претпријатие во новото претпријатие „ОЕНЕУМ“. Со оваа измена, сите работници ќе земаат редовно плата, додека Општина Тетово ја презеде обврската да обезбеди исплата на сите заостанати плати за овие вработени – соопштија од Општина Тетово.
Што се однесува до ЈП за водовод и канализација „Шари“ од општината велат дека се во фаза на трансформација на работниците од ЈКП Тетово во ново претпријатие.
– Со ова ќе се решат проблемите со платите и на овие работници. По завршувањето на овој процес, Општина Тетово ќе подготви посебна стратегија за заложба и обезбедување на плати за работниците кои ќе останат во сегашното ЈКП. Ние како институција ја разбираме оваа незавидна состојба со која се соочуваат работниците, а која е присутна со години, но се сомневаме дека денешната реакција, на денот кога сите го славиме празникот на знамето, можеби е политички мотивирана. Затоа ги замолуваме сите вработени во ЈКП Тетово, да не потпаѓаат на каква било провокација од политички фактори и да се фокусираат на соработка за решавање на актуелните прашања – се вели во дописот на Општина Тетово.