Прилепската болница „Борка Талески“, која има проширена надлежност, бидејќи во
нејзин состав е и Здравствениот дом, во јануари ќе го добие очекуваниот апарат за магнетна резонанца, со што жителите на целиот регион ќе имаат подобрена здравствена услуга. Ќе има обуки на кадарот и од март ќе биде ставен во функција. Ова денеска го најави директорот на болницата Кети Смилеска, посочувајќи дека институцијата се справила со пандемијата од ковид-19.

Модуларната болница е затворена од пред неколку дена, а пациентите за натамошно лекување се префрлени во инфективното одделение.

– Модуларната болница ја изврши функцијата во лекувањето на ковид-пациентите. Тука се лекуваа 285 пациенти. Бидејќи инфективното одделение беше празно, но е поврзано и со централното греење ги префрливме хоспитализираните пациенти во него, а претходно извршивме мала реконструкција. Моментално на лекување се 18 лица, од кои 15 се на кислородна поддршка, а 19 се на дневна болница. Од лицата што се лекуваат девет се вакцинирани – рече Смилеска.

Годинава болницата набавила неколку нови апарати, а испратила лекари на специјализации и субспецијализации.

– Набавивме ново ЕКГ за интерното одделение, нов ЕХО апарат за одделението за гинекологија, во тек е набавката на дигестер за патологија. Од Министерството за здравство добивме и мобилен ретген апарат за ковид-пациентите. Се воведоа и нови
методи – отстранување слепо црево лапараскопски со камера, во тек е активирањето на апаратот за стрес-тест, преку интерното одделение овозможена е методата Холтер и
лекарката се врати од супспецијализација и го применува овој метод. Од 34 млади лекари, на специјализации се пратени 27 и тројца на субспецијализација – рече директорката Смилеска.

Во Прилепско регистрирани се вкупно 10.800 заболени од коронавирус. Што се однесува до вакцинацијата, имунизирани се 69.400 граѓани, од кои 33.400 со две дози, 4.000 со три, како и 570 деца на возраст од 12 до 18 години. Ка.М.