По 20-ти пат во Прилеп на 6 март ќе се одржи карневалот „Прочка 2022“ по двегодишна пауза заради паднемијата од ковид-19. Првиот настан од карневалот е в
петок кога од 12 часот во ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на
маски и за најкреативните ќе бидат доделени награди. Главните активности за карневалот, беше посочено денеска на прес конференција се во недела, а подготовките, како што велат од општина Прилеп се при крај.

– Активностите ќе започнат со отворање на изложбата, која секоја година е сведок на најразлични креации на маски изработени од учениците во основните и средните училишта, под менторство на нивните наставници по ликовно образование и оделенска настава, кои се партнери во целокупната организација. Ова се нашите најмлади учесници, кои во иднина ќе ја продолжат традицијата на чување и презентирање на културното наследство. Жири комисијата која ќе го спроведе изборот е под водство на претседателот на друштвото на ликовни уметници од Прилеп Методи Исков и членовите Маја Најдоска и Елена Димоска. Централен настан е дефилето на маски во недела, на кое ќе се претстават групни и поединечни маски од Прилеп и од други градови од Македонија, а стартот е од пред ЦК Марко Цепенков. Трасата ќе се движи се до плоштадот Методија Андонов Ченто, каде што ќе биде главното претставување со изведена кореографија и музика под водство на Марија Спиркоска Илијески. Очекуваме околу 500 учесници во 15тина групни маски, некои од нив бројат и над 50 учесници.Досега се пријавени учесници од Кавадарци, Пробиштип и Охрид, односно Куратица. Покрај дефилето ќе има куклено шоу, магионичари, жонглерски и
други атракции, за сето тоа да заврши со заедничка забава и концерт на групата
ФОЛТИН на централната бина – рече Снежана Ристеска, советник за култура во
општина Прилеп.

Градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески го потенцираше значењето на манифестацијата, која во овие услови ќе се внесе позитивна енергија и расположение,
при тоа потсетувајќи дека ќе се спроведува според сите протоколи за заштита од ковид-19.

Ванчо Георгиев од Здружението „Прилепски мечкари“ не го криеше своето задоволство што со карневалот ќе продолжи традицијата и очекува уште една успешна манифестација, при тоа напоменувајќи дека годинава Прилепските мечкари имаат нови маски за групата. Воедно тој посочи дека маската „Прилепски мечкари“ е заштитетна
како трајно духовно културно нематеријално наследство.

Ден по карневалот, в понеделник, е традиционалната дружба на прочкарите и
вкусување на бел грав. Ка.М.