По покана на Радио и телевизија Црна Гора, македонската евровизиска претставничка Андреа викендов беше гостинка во Подгорица, Црна Гора. Таа учествуваше во специјалната евровизиска емисија „12 поени за Црна Гора“, чија домаќинка беше Владана Вучиниќ, која годинава во Торино ќе настапи за Црна Гора со песната „Breathe“. Владана е авторка на песната „Breathe“, а вели дека текстот го напишала во еден здив, опишувајќи ги тешките мигови со кои се соочило нејзиното семејство за време на пандемијата. Продуцент на песната е нашиот познат композитор Дарко Димитров.
Во специјалното ток шоу присуствуваа и неколку минати евровизиски претставници на Црна Гора, како Нина Жижиќ, која настапи во 2013 година со песната „Игранка“, Кнез, кој ја претставуваше Црна Гора со песната „Адио“ во 2015 година, Лука Војдовиќ од групата „Хајвеј“, која на Евровизија учествуваше во 2016 година, и Тамара Вујачиќ од групата „Д Мол“, која беше последен црногорски претставник во Тел Авив, 2019 година. Музичарите ги споделија своите евровизиски искуства, а во спонтана атмосфера отпеаја и понекој омилен евровизиски рефрен.
Нашата Андреа за оваа пригода ја одбра песната „Euphoria“ од Лорен.
– Ми беше задоволство што имав прилика да ги запознаам овие талентирани и прекрасни музичари и луѓе. Сите ние ја делиме истата страст кон музиката и желбата да го дадеме најдоброто од себе на големата евровизиска сцена – изјави Андреа по средбата со колегите од Црна Гора.
Емисијата „12 поени за Црна Гора“ во која премиерно со видеозапис ќе биде промовирана евровизиската песна на Црна Гора, „Breathe“ ќе се емитува на 4 март на првата програма на РТЦГ со почеток во 21.15 часот. Во очекување на финалната аудиоверзија и видеоспот за песната „Circles“, следната дестинација на Андреа е Романија, каде што таа ќе гостува на финалето на романскиот национален избор за „Евровизија“ на 5 март.