Фото: З.А.

Раководството на риболовниот клуб Хантер Фиш од Кичево, кој стопанисува со Осломејското Езеро, деновиве изврши порибување на езерото со поголем број крупни примероци на крап, кои ги обезбеди од сопствени средства од рибник од Охрид.

– Во изминатите пет години езерото успеавме да го порибиме во дури десет наврати а последното порибување со крупни примероци, над 10 килограми, на крап го извршивме деновиве. Покрај со крапска риба, езерото во изминатите години во неколку наврати е порибено и со толстолобик и со помала количина на амур. Бидејќи на нашето езеро во текот на годината се одржуваат се поголем број риболовни натпревари, овие примероци на крап ќе придонесат за атрактивноста на натпреварите и нивна поголема неизвесност, бидејќи екипите со улов на поголеми примероци на крап, за час ќе можат да изборат повисок пласман – вели претседателот на СРД Хантер Фиш, Бесмир Елези.

Тој најави дека порибувањето на езерото ќе продолжи и во наредните години, бидејќи се работи за акумулација која има стабилен водостој и која високо се етаблира помеѓу риболовците во земјава и стана се поатрактивна дестинација, а овие порибувања се извршени со риба која е обезбедена од рибниците во Неготино, Струга, Охрид и Битола. З.А.