СРД „Хантер фиш“ од Кичево донесе нови правила за спортски риболов за периодот од 15 мај до 30 јуни годинава, поради мрестот на крапот во Осломејско Езеро. Мерките треба да помогнат мрестот да се врши непречено, а бројноста на крапот во езерото да се зголеми.
-Годинава во периодот на мрестот на крапот нема да се организираат спортски натпревари. Ќе биде забрането уловениот крап да стои во чуварки и единствено ќе може да се лови по принципот фати-пушти. Сите што имаат желба во овој период да ловат во ова езеро, препорачливо е за оваа дисциплина да издвојат одредена финансиска донација која „Хантер Фиш“ ќе ја пренасочи во преуредување на езерскиот брег, изградба на пристапен пат и зголемување на бројот на боксови каде ќе бидат сместени екипите за време на спортскo-риболовни натпревари. Нашите очекувања се во овој период спортските риболовци во целост да ги почитуваат донесените мерки – истакна портпаролот на риболовното друштво Мире Ночески.
Тој вели дека досега нема сознанија од неговите колеги за тоа дали спортски риболовци ги кршат овие правила за рибарење. З.А.