Врнежите од дожд присутни во западниот дел од земјава изминатите неколку дена, придонесоа водотеците во овој регион драстично да пораснат, а заситеноста на почвата придонесе речните корита да бидат речиси полни.
Најголемата река во Кичевско-Бродскиот регион, Треска, деновиве го зголеми водостојот, но престанокот на врнежите овозможи намалување на нивото на реката со тенденција на натамошно опаѓање во деновите кои што претстојат, информираа од Дирекција за заштита и спасување (ДЗС).
-Според УХМР објавен на 26 јануари, водостојот на Треска кај Македонски Брод во 7.30 часот изнесувал 113 сантиметри, со што се бележи намалување на водостојот споредено со вчерашниот ден, со тенденција на негово понатамошно опаѓање и без опасност од излевање, бидејќи излевање на река Треска е можно само во случај водостојот да се искачи на кота од над 120 сантиметри и повеќе. Намалувањето на водостојот е забележан и кај останатите водотеци во регионот. Во наредните денови не се очекуваат нови поинтензивни врнежи од дожд или снег, со што ќе биде избегната опасноста од поплави во двете општини – истакна Сафит Зекири, портпарол на ДЗС. З.А.