Битолчани вечерва повторно протестираа по смртта на малата Јана, која пред две недели почина во Клиничката болница во Битола, искажувајќи го нивниот револт на плоштадот „Магнолија“.

– Вистината не е ни навидум на виделина. По очигледното замајување на јавноста останува сомнежот во институциите и фактите кои сакаат да ги искриват. Тоа нема да дозволиме да им помине. Бараме одговорност, бараме оставки, сега и веднаш. Стоиме позади секој кажан збор и сведоштво на родителите на Јана. Ќе се бориме да се обелодени вистината, а обвинителството да ја донесе вистинската одлука. Бараме јавен настап на сите членови од првата комисија на ДСЗИ и втората комисија, како стручен инспекциски надзор, на една од националните телевизии да одговрат на сите поставени прашања во програма која ќе оди во живо, и на која граѓаните ќе можат да поставувата прашања – беше порачано од протестниот митинг.

По обраќањето на организаторот на протестот, Игор Петковски, присутните се упатија кон Офицерскиот дом од каде пуштија балони со срца на кои беше испишано името
на Јана.

Девојчето почина на детското одделение во битолската болница. Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, при што здравствените инспектори не утврдиле пропусти во лекувањето на Јана, како што соопшти ДСЗИ. Направен бил и увид во медицинската евиденција, а земени се изјави и од здравствените работници кои го третирале детето. Семејството на Јана не е задоволно од извештајот на ДСЗИ. Сѐ уште не се готови резултатите од обдукцијата што треба да ја утврди причината за смртта. М.М.