фото: Зоран Антоски

Кичевскиот зелен пазар важи за еден од најскапите во земјава, а тоа го потврдуваат и денешните цени, кои и на почетокот на летото се како во рана пролет.

Доматите се продаваат по цена од 60-80 денари за килограм, краставиците 50-60 денари, пиперките се нудат за 70 до 80 денари, праските и кајсиите 60 до 70 денари, компирот 40 денари.

– Наместо да имаме пониски цени на зелениот пазар, секоја наредна сабота кај нас работите одат обратно, секоја следна сабота имаме повисоки цени и поскап пазар. Сегашните цени се исти како во рана пролет, кога сѐ уште не е вистинска сезона на зеленчукот и пролетното овошје. За да се снабдиш во доволни количини не се доволни ни 1000 денари. Ако пазарот е толку скап, тогаш што ќе остане за останатите намирници и сметки. Денес нема ценкање, тезгаџиите ти кажуваат цена, а ти одлучи сам. Дури и продавачите од другите градови најавуваат и повисоки цена во брзо време поради недостаток на градинарски култури во земјава – вели Драган Тренкоски, редовен посетител на зелениот пазар.

Посетата на пазарот во саботите е голема, а доминираат купувачи што имаат повисоки пензии.

– Овој пазар е карактеристичен по тоа што покрај посиромашните купувачи, има и такви што работат во странство или имаат солидни странски пензии и кои пазарат колку што сметаат дека им е доволно, без да мислат колку тоа ќе ги чини. Дури се случува да пазарат и цели гајби, посебно во текот на летото кога се на одмор, тогаш и прометот е најголем – вели трговецот Блажа Ристов.

З.А.