Фото: М.М

По речиси триесет години работа во РЕК “ Битола “ целосно е преместен јагленовиот систем во површинскиот коп во Рудникот “Суводол“.

– Јагленовиот систем, кој во изминатиот период е реконструиран со нови делови, што во голема мера ќе придонесе за поефикасна работа на Комбинатот е целосно преместен. Моментно се извршуваат реконструкции за јаловинските системи, се со цел подготвени да ја дочекаме грејната сезона и зимскиот период во рудниците каде што се  најтешките услови за работа.

Ова го изјави на денешната прес-конференција во РЕК “ Битола “ директорот на ПЕ Рудници Димитар Петковски.

-Системот е преместен со еден километар од претходната местоположба, во должина од 4 километри е системот во долниот дел и горе уште два километри, или вкупно 6 километри се реконструирани со нови делови, нова опрема и со наши средства од Комбинатот .Ова за РЕК “Битола” како најголем електро енергетски стожер во Македонија значи дека во наредните 4-5 години јагленовиот систем ќе биде стабилен и без проблеми ќе функционира системот за потребните количини на јаглен да се донесат до Термоелектраната, рече директорот на ПЕ Рудници Димитар Петковски.
Според генералниот директор на РЕК “Битола” Пеце Матевски во РЕК “Битола“ остварени се проекциите на раководството на Комбинатот за ремонтните активности.

-И покрај високите температури, работните активности во РЕК “Битола” се одвиваат според сите планови и се нормално функционира. Предвиденото веќе се остварува и се реализира зацртната цел. Ремонтот на Блок 1 е завршен и тој моментно е во функција, јагленовиот систем што триесет години беше на едно исто место, сега е преместен, се во функција да имаме што поголемо производство на електрична енергија. Моментно се работи на Ремонтот на Блок 2, така што овој ремонт е околу шеесетина дена и се работи на модернизацијата на разладната кула за вториот блок, каде што азбестните плочи ќе се заменат со материјали кои се еколошки и полека Комбинатот го осовременуваме и со набавка на нови машини, набавка на трансформатори, така што го враќаме оној сјај на РЕК “Битола” – рече на прес-конференцијата, генералниот директор на РЕК “Битола”, Пеце  Матевски.

Инаку ремонтните активности на Блок 2 што беа започнати пред еден месец треба да завршат околу 5 септември.
-Отприлика сме на средината на ремонтот на Блок 2, и ремонтните активности треба да завршат околу 5 септември. Започнати се активности на сите постројки, конкретно во машинската сала изваден е роторот на генераторот, се работи на генераторот на турбината и нормално на делот на котелот на Блок 2. Најголеми активности се изведуваат на разладната кула на вториот блок, проект што е започнат од пред две години, конкретно модернизација и реконструкција на кулата. Направени се нови плаштови, модернизирани се плаштовите од двете страни на кулата и направена е замена на азбестниот дел со нови посовремени материјали – изјави Александар Пасков, директор на Термоелектраната во РЕК “Битола”, на денешната прес конеференција во РЕК “Битола“.

М.М