Паралелно со реконструкцијата на градскиот плоштад во Кичево каде се поставуваат мермерни плочи во повеќе бои и големини, во финишот од оваа реконструкција започна и хортикултурното уредување на жардињерите поставени со овој проект. Цвеќарот Христијан Донески целосно е преокупиран со оваа работа и планира во наредните петнаесетина дена целосно да го заврши хортикултурното уредување на плоштадот.

– Од вчера започнавме со хортикултурно уредување на градскиот плоштад во Кичево, на кого се изведува темелна реконструкција. Во седумте хоризонтални жардињери  засадивме повеќегодишни декоративни садници, од кои најголем број се зимзелени и тоа од видот Јуниперуси и Туји како и топчести форми на Туја Даница. Засадени се во светлозелена, жолта боја, садници во темнозелена, во црвена боја и слично. Хортикултурното уредување го изведуваме во пејсажен колорит примамливо за минувачи.Исто така хортикултурно ќе бидат украсени и 20 вертикални жардињери поставени на неколку локации на градскиот плоштад – рече Христијан Донески.

Тој додаде кои се видови на растенија ќе бидат засадени во вертикалните жардињери.

– Во вертикалните жардињери ќе бидат засадени повеќегодишни зимзелени легнати Јуни Перуси, Обоена ѕвезда, цветни садници од типот Калуна, како и од видот со црвена боја Нандина, Берберис, Лаванда, растенија за под сенка како Јапоница и многу други – додаде Донески, кој апелира до граѓаните да не ги корнат овие стебленца, бидејќи тие ќе бидат засадени за нивно добро и сите што ќе го посетат градскиот плоштад во Кичево да уживаат во преубавата глетка. З.А.