Пожарот помеѓу селата Русјаци и Ореовец избувна што пред три дена, сѐ повеќе се шири и во овој момент од огнената стихија зафатени се над 10 хектари површина обрасната со ситно стеблеста шума и сува трева. Тешко пристапниот терен го оневозможува неговото гасење и ликвидирање, и покрај интервенциите од воздух и од земја, потврдија од РЦУК Македонски Брод.

– Пожарот кој во понеделникот избувна во атарот на селата Русјаци и Ореовец не само што не е изгаснат, туку се проширува и на нови површини и шумски појаси. Со огнената стихија зафатени се ситно стеблеста и деградирана шума, сува трева, а гори и лисна маса што паѓа од дабовите стебла. Покрај на Бродска територија, пожарот се прошири и на кичевска страна во реонот на селото Патеец. На терен се наоѓаат екипи од Шумското стопанство од Македонски Брод.локални жители а на огнената стихија изминативе денови се интервенираше со хеликоптери и од воздух. Тешко пристапниот терен е проблем кој е речиси нерешлив и со нетрпение ги очекуваме најавените врнежи од дожд в сабота и недела, кои очекуваме да го ликвидираат овој пожар кој опфаќа се поголема површина – нагласи Миле Стојкоски од РЦУК Македонски Брод.

Тој посочи дека како и за повеќето пожари така, и за овој, единствен фактор за негова појава е човекот. З.А.