АД ЕСМ ја продолжува традицијата за поддршка на најдобрите студенти, така што додели пет нови стипендии на студенти од Универзитетот во Тетово. Генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски, по потпишувањето на договорите за стипендирање изјави дека се надева оти стипендистите по завршувањето на
студиите ќе бидат дел од АД ЕСМ.

– Тоа е финансиска поддршка од нашата компанија со цел да ги охрабриме студентите да вложат максимални напори и да стекнат знаења кои ќе им отворат подобри перспективи за работа. Нашата поддршка е доказ дека системот, државата се грижат за младите и вложуваат во младите за тие да останат тука. АД ЕСМ со поддршката на млад и квалитетен кадар придонесува кон развојот на енергетиката – изјави Ковачевски.

Предвидено е продолжување на соработката со зголемување на бројот на стипендисти и вредноста на стипендиите.

– Соработката ќе продолжи и во иднина, со зголемување на бројот на стипендисти и вредноста на стипендиите, со цел да се поттикнат и стимулираат студентите за уште поголеми достигнувања и успеси, како и нивно издигнување на
академски нивоа – рече заменик-генералниот директор на АД ЕСМ, проф. д-р Имер Зенку.

Тој изрази подготвеност и посветеност за продлабочување на соработката за прашања од заеднички интерес, меѓу кои ја истакна подготовката на инженерски кадар, која е од клучна важност за пазарот на трудот воопшто, и особено за технолошките процеси на нашата компанија.

Стипендиите се во износ од 80.000 денари за една академска година. Финансирањето е предвидено да трае за време на сите студиски години, при што услов е просекот во текот на студирањето да биде над осум.

Со стипендирањето АД ЕСМ како општествено-одговорна компанија, помага во продуцирање кадар што е особено актуелен на пазарот на трудот. Оваа практика дава се подобри резултати и придонесува за унапредување на образованието и науката и ќе продолжи и во иднина, велат од АД ЕСМ. М.М.