Фото: Твитер/Влада на Иран

Кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот ирански колега Ебрахим Раиси денеска повикаа на укинување на санкциите воведени кон Иран. Ова е суштински дел од меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма, потсетија двајцата лидери.

Си ја прифати поканата на Раиси да го посети Иран, се вели во заедничката изјава објавена денеска на крајот од тридневната посета на иранскиот претседател на Пекинг.

Иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, официјално наречен „Заеднички сеопфатен план за дејствување“, предвидува Иран да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за олеснување на економските санкции против него. Сепак, спроведувањето на договорот е во ќорсокак.

Во 2018 година, тогашниот американски претседател Доналд Трамп ја повлече својата земја од договорот и нареди заострување на американските санкции против Иран. Актуелниот шеф на државата, Џо Бајден, во 2021 година изјави дека САД повторно ќе се приклучат на договорот, но само доколку Иран се врати на исполнување на своите обврски од него. Сепак, преговорите за ова прашање се во застој.

– Сите релевантни санкции мора да бидат целосно укинати на начин за да се промовира целосно и ефективно спроведување (на договорот) – повикаа Си и Раиси.

Тие истакнаа дека укинувањето на санкциите и обезбедувањето економски придобивки за Иран се важни компоненти од договорот.