На денешниот голем празник Богојавление, Водици, крст се положуваше и во надојдените води на река Треска во Македонски Брод. Годинава среќата му се насмевна на 17-годишниот Александар Јованоски, кој беше најспретен и најсреќен помеѓу 10-те доброволци што влегоа во река Треска. Пред овој чин беше извршен водосвет на речните води, а потоа свештеник од Македонски Брод го положи крстот во реката.
Младиот Александар Јованоски беше пресреќен што го извади крстот од реката.
– Немам зборови со кои би го искажал задоволството што денес го извадив светиот крст од река Треска. Надојдените води на Треска не претставуваа голем проблем да се извади светиот крст од нејзините води. По овој чин, очекувам во оваа година сите мои желби да се исполнат – истакна младиот Јованоски.
На денешното положување на крстот во река Треска, крај нејзините брегови присуствуваа над 1000 жители на Македонски Брод.
З.А.