ЈП „Стрежево“ од денеска воведе 24-часовно дежурство и следење на состојбата, поради обилните врнежи на дожд и наглото топење на снегот.

На состанокот на колегиумот кој го одржаа на зафатот за вода кај Дихово, беше заклучено состојбите да се следат 24 часа и да се преземаат сите мерки за вакви вонредни услови.

Инаку, од ЈП „Стрежево“ и покрај неповолните временски прилики велат дека акумулацијата „Стрежево“ е подготвена да ги прифати водите од врнежите кои го зафатија регионот деновиве.

Дневниот доток во акумулацијата изнесува околу 1,5 милион метри кубни вода или околу 15 м3/сец. Водите се зафаќаат од водотеците на Баба Планина преку Собирниот
(Алиментационен) канал и се внесуваат во сливот на река Шемница. М.М.