КИЧЕВО

Со оглед на фактот што има сѐ поголем број деца со доцнење во развојот во предучилишна возраст, ова е период кога треба да се даде што поголем придонес, преку збогатување на содржините во градинките и во основните училишта. Токму затоа реквизити за опремување сензорна соба добија најстарата и најголема детска градинка во Кичево, „Олга Мицеска“, како и најстарото и најголемо основно училиште во градот, „Санде Штерјоски“, каде што од поодамна е отворена и паралелка за деца со пречки во развојот.
– Со оглед на фактот што има сѐ поголем број деца со задоцнет развој во предучилишна возраст, ова е период кога треба што повеќе да се придонесе во нивниот натамошен развој. Токму затоа, со овие реквизити и сензорната соба, децата ќе ја подобруваат моториката и сѐ повеќе ќе ги приближуваат своите способности до своите врсници. За работа во сензорната соба ќе биде ангажиран и дефектолог. Со континуирана работа со овие деца, резултатите брзо ќе бидат видливи – вели директорот на градинката Садик Ахмети.

Вистинска намена сензорната соба ќе добие во ОУ „Санде Штерјоски“, каде што веќе неколку години работи паралелка за деца со пречки во развојот. Директорот на училиштето Раим Пињоли очекува добро опремената сензорна соба да има голема корист за учениците од оваа паралелка.
– Сензорната соба е наменета за деца со нетипичен развој, соодветно со доцнењето во развојот, и ќе овозможи полесен и современ развој на образовниот процес на децата со попреченост, како и олеснување на работата на вработените во нашето училиште, каде што постојано е ангажиран и дефектолог, а со стручната работа со овие реквизити, учениците од специјалната паралелка ќе ја подобрат моториката и ќе се приближат до способностите на своите врсници – вели Пињоли.
Реквизитите за сензорните соби се обезбедени со поддршка на Општина Кичево и градоначалникот Фатмир Дехари, како и заменик-директорот на царина, Ирфан Бучи.