Обилните врнежи од дожд во текот на август не помогнаа родот на печурките да биде подобар и да се надоместат сиромашните периоди од претходно. Собирачите на шумски плодови се надеваа дека дојде време кога слабата пролетна реколта ќе ја надоместат со побогата августовска берба, но во најголем дел региони прогнозите на печуркарите не се остварија, бидејќи ни овие дождови не помогнаа да има поголем род на печурките, а причина беше недоволната влага на почвата, што е втор услов покрај топлата подлога, за побогат род на печурките.
– Бевме оптимисти дека августовските дождови ќе придонесат конечно и оваа година да имаме богат род на печурките вргањ и лисичара, како и да го надоместиме празниот род на печурките во мај и јуни и во претходните две-три години. Но нашите очекувања и надежи не се остварија во целост, бидејќи се потврди дека ни оваа влага не е недоволна да имаме побогат род. Печурки има, но тоа е премалку во однос на нашите очекувања. Ако продолжи топлиот период и повторно имаме врнежи од дожд, можеби треба да очекуваме побогат род – вели Горан Лазарески, искусен печуркар од Кичево.

Истото го слушнавме и од други печуркари и откупувачи, кои имаат слични искуства. Можеби во делови од земјава имало и пообилни врнежи од дожд, како на пример во Дебарца, што придонело да има и повеќе печурки и подобра заработка за собирачите на шумски плодови.
– Можеби во некои делови од земјава имаше повеќе врнежи и доволно влага во почвата, со тоа и поголема надеж дека конечно родот на печурките е задоволителен и дека ќе има добра заработка. Но во нашиот регион тридневните врнежи не беа доволни бидејќи долгата суша целосно ја исуши подлогата и тоа беше причина да немаме поголем род на печурките или тоа да биде занемарливо во однос на планираното – вели добриот познавач на оваа габа Силјан Ристески, печуркар од Македонски Брод.
Помалобројни се печуркарите што, сепак, очекуваат да се подобри родот на печурката и покрај недоволните врнежи од дожд.

– Бидејќи вргањот се врзува со кореновиот систем на дабот, кој може да биде и многу долг, тоа може да придонесе сепак да имаме добар род по тридневните дождови на места каде што има поретка дабова шума, каде што доволно се пробиваат сончевите зраци. Имаме и региони во овој дел од земјава, каде што има доволно влага и допрва е за очекување состојбите да се подобрат и да почнеме да среќаваме собирачи со полни торби, како пред повеќе години и децении кога во сезона луѓето заработуваа и за нов автомобил, што денес е далеку од помислата – вели Стојко Милошески, врвен познавач на оваа гранка и долгогодишен откупувач.
Сите се на штрек и во исчекување на одговорот од страна на природата дали овој пат ќе биде подарежлива.