Фото: МОН

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека дописите со реакции во однос на интегрирањето предмети што стигнуваат во МОН ќе му ги достави за мислење на Бирото за развој на образованието затоа што, рече, тоа е институција која ја има предложено Концепцијата за основно образование и која треба да анализира какво влијание има интегрирањето на предметите врз учебната програма и реакциите во однос на предметите Историја и Географија.

-После тоа ние како МОН ќе известиме за ситуацијата, откако ќе добиеме конкретни податоци какво влијание има интегрирањето на тие предмети врз неделниот фонд на часови на тие што ги предаваат, а исто така и содржински, и ќе одговориме на сите тие што имаат пратено допис или јавно реагираа – изјави Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по учеството на тркалезната маса „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“.

Рече дека со новата концепција има порано интегрирање на предметите во модули што треба да се учат во една учебна година како група на предмети во Природни науки и Општествени науки.

-Интегрираните предмети почнуваат од петто одделение според Концепцијата за основно образование и оваа година продолжуваат во шесто, а наредните години и во седмо, осмо и во деветто одделение – рече Шаќири.