Фото: Маја Јаневска Илиева

Власта и опозицијата и во текот на вчерашниот ден продолжија со меѓусебните препукувања, дали се потребни уставни измени или предвремени избори. Премиерот Димитар Ковачевски синоќа кажа дека дента кога ќе се изгласаат уставните измени, ќе поднесе оставка и ќе има избори. Тој денеска во Атина на неформалната средба што ја организира грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за лидерите од Западен Балкан, ќе има формален состанок со претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, која ќе ја информира за текот на уставните измени. Опозицијата пак, останува на ставот дека единствен излез од оваа криза се избори.

– Претседателката на ЕК од прва рака ќе може да се информира од мене за текот на уставните измени, иако таа веќе ги има сите информации, и пред одржувањето на седницата во однос на поднесувањето, дека процесот започна, дека започна со 73 гласа за изгласување на дневниот ред во однос на уставните амандмани, и оти стана многу јасно дека СДСМ и Коалицијата, европската коалицја, се за продолжување на европската интеграција на Северна Македонија, меѓутоа дека опозицијата повторно, како што било и во минатото, е за блокада на патот на Северна Македонија во европските интеграци, исто како ш-то беше и против залченувањето на Северна Македонија и во НАТО -рече Ковачевски синоќа во гостувањето на ТВ Сител.

Тој оцени дека Собранието има капацитет да донесе уште една голема стратешка одлука за граѓаните на државата, пред се за иднината на граѓаните, со која, како што рече, ќе го започнеме отворањето на кластерите, по успешното завршување на скрининг процесот и до 2030 година државата да стане членка на ЕУ.

На прашањето како планираат да ја пробијат блокадата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени во следните неколку седмици, премиетот повтори дека ова прашање како никогаш досега е од стратешки интерес како за Македонија, така и за ЕУ, во светло на геополитичките случувања во Европа со војната во Украина.

-Тоа е едно од прашањата кои се високо на агендата и за САД. И не случајно тука беше еден од нивните најпроминентни сенатори, Марфи. Потоа имав средба со државниот секретар Блинкен, и не случајно и претседателката на ЕК и на ЕС и голем број претседатели и премиери имаа говор во нашето Собрание. Што значи дека се работи за заеднички стратешки интерес, како ретко кога досега. И првпат досега се случува ветото за нашата држава да не доаѓа од надвор, туку да доаѓа од внатре, и тоа од истите луѓе од кои секогаш имало блокади – рече Ковачевски.

Додаде дека ова е почеток на процесот, каде што можеа да се видат ставовите на политичките партии.

-Интересно е што ВМРО-ДПМНЕ реши да не определи свој пратеник од политичката партија да ги изнесе нивните ставови, туку ставовите на нивната пратеничка група и коалицијата ги изнесе независен пратеник, што исто така, остава простор да се разговара нормално на сите нивоа со ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се убедат дека сега е моментот да се донесе оваа важна одлука, бидејќи сега е годината кога прво – можеме да ја одржиме втората меѓувладина конференција и второ – е пред изборите во ЕУ идната година – рече Ковачевски.

Втората опција е, додаде тој, доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да станат дел од Владата, бидејќи тие зборуваа за општествен консензус исто како што јас зборувам, половина места од нашите ќе ги добијат.

-Услови имаат ДУИ да не учествува, тие поднесоа оставки, и другите албански партии кажаа еве и ние нема да учестуваме… Ќе бидат дел од Владата, ќе го завршиме целиот процес, ќе го завршиме скринингот, ќе отвориме едно или две поглавја и ќе затвориме едно од поглавјата. И ќе одиме на избори. Влада во која доминантно министри ќе има и ВМРО-ДПМНЕ – рече Ковачевски.

Кажа дека ќе има редовни избори, и претседателски и парламентарни и оти клучно прашањето со уставни измени да биде решено, заради, како што рече, државата.

-Политички партии имало и ќе има, власти се менувале, но ние самите најдобро сфативме што значи изгубени години и декади – потсети Ковачевски.

На новинарско прашање во однос на шпекулациите дека ВМРО-ДПМНЕ има поддршка од меѓународната заедница за брзи избори, па оттука и цврстиот нивен став дека уставни измени под бугарски диктат нема да има, кажа дека тие зборувале и за бугаризација и за асимилација, но повеќе за тоа не се зборува.

-Првин бугарски диктат е истиот збор којшто беше користен од претходникот на Мицкоски. Ама тогаш беше грчки диктат. Само што на овој диктат од нивна страна им претходеше бугаризација, асимилација и што уште не. Ама гледате сега дека бугаризација и асимилација не се користат како зборови, бидејќи не постојат. Стана јасно дека македонскиот јазик е дел од преговарачката рамка, дека на македонски јазик се преведува целото европско законодавство. Гледам некои политичари велат немало македонскиот јазик да биде официјален во ЕУ, па ако не биде зошто го преведуваат целото законодавство на македонски јазик…- рече Ковачевски.

На прашањето дали има договор со собранискиот спикер Талат Џафери до кога да ја држи отворена седницата за уставни измени и дали има краен рок, рече дека нема договор со Џафери и оти тој работи согласно Деловникот.

-Прво, јас немам договор со спикерот Џафери. Тој работи согласно Деловник. Ви кажав дека процесот започна, и тоа започна успешно, бидејќи се изгласа дневниот ред, се видоа позициите на политичките партии. Останува простор за разговор со ВМРО-ДПМНЕ, сметам дека тој разговор треба да се води институционално, Парламентот е најдобро место за тоа, за да на крајот дојдеме до решение кое што ќе биде во интерес на граѓаните, бидејќи граѓаните сакаат да живеат и заслужуваат да живеат во земја-членка на ЕУ – рече вечерва премиерот.

На интервјуто на Ковачевски реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде наведоа дека „цела година Ковачевски шири лаги дека ќе има уставни измени, дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи и што уште не“.

-Ковачевски е дефакторизиран, никој не го прашува за ништо, негови пратеници не гласаа, избори се решение. Цела година Ковачевски шири лаги дека ќе има уставни измени, дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи и што уште не. Не само што нема уставни измени, и што ВМРО-ДПМНЕ е конзистентно на ставот против уставните измени, туку и пратеници од СДС и коалицијата се против – наведоа од партијата.

Оттаму повторија дека „Ковачевски и СДС ја донесоа Македонија во ќорсокак. Прифатија услови против кои се 80% од граѓаните“.

-Политиките на Ковачевски не соодвествуваат со ставот на мнозинството Македонци. И самиот Ковачевски знае дека уставни измени нема да има, се што прави е ден повеќе да ја задржи својата позиција. Не му се важни ниту граѓаните, ниту државата. Но треба да е свесен додека тој себично размислува за себе и за кликата околу себе, Македонија тоне. Единствен излез од оваа криза се само избори – наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот и претседател на Демократски сојуз, Павле Трајанов, пак, понуди предлог за надминување на состојбата и повика зад неговите три барања да застанат сите политички партии.

Нагласувајќи дека ДС е цврство определен државава да биде полноправна членка на ЕУ, Трајанов соопшти дека до ЕУ и до претседателката на ЕК Сон дер Лајен, упатил барање – Советот на Европската Унија да донесе одлука со која ќе ја обврзе Бугарија да ги спроведе одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, да им дозволи регистрација на здруженијата на Македонците во Бугарија за негување на нивните идентитетски, јазични, културни и други особености, со што ќе се обезбеди реципроцитет.

-Второ, Советот на ЕУ од Преговарачката рамка да ги изостави билателарните прашања или најмалку да донесе одлука со која ќе се дадат гаранции дека билатералните прашања не можат да бидат основа за блокада на Македонија на патот кон ЕУ. И трето, Советот на ЕУ да донесе одлука за тоа дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик по приемот на Македонија во ЕУ. Очекувам зад овие три клучни барања да застанат сите политички партии, претседателот Стево Пендаровски и Владата на Република Македонија – истакна Трајанов.

Во однос на уставните измени што се предлагаат од Владата, лидерот на Демократски сојуз посочи дека Владата ја прифатила Преговарачката рамка „без експертска анализа, поширок граѓански и политички консенсуз и рамка во која се вградени билатерални прашања наметнати од Бугарија, прашања со кои се отвораат историски, образовни, јазични, културни и идентитетски дилеми, со кои во суштина се негира историскиот континуитет на македонскиот народ и автентичноста на македонскиот јазик“.

-Преку Комисијата за историски и образовни прашања и годишните протоколи, кои се составен дел од Преговарачката рамка, се оспорува македонскиот карактер на историските настани, македонските револуционери, па дури и Охридската архиепископија. Во суштина се „сечат“ корените на македонскиот народ, со што се доведува во прашање и неговата иднина и просперитет – рече Трајанов.

Според него, Ковачевски, Османи и Маричиќ, како и ДУИ и СДСМ, „вршат огромна манипулација дека наводно ЕУ го признава македонскиот јазик“.

И Социјалистичката партија на Македонија смета дека блокадата на државата и политичката криза „што ја создадоа СДС и ДУИ води кон рушење на државниот и институционален капацитет во Македонија“.

-Со немањето чувство за државните и националните интереси СДС и ДУИ и со фијаското во преговаеачкиот процес самите се делегитимираа со што потврдија дека не се способни да управуваат и затоа мораат да си одат. Избори се неопходни веднаш! – наведе СП во партиското соопштение.

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, пак, на прес-конференција вчера нагласи дека „веќе е кристално јасно дека Христијан Мицкоски и ДПМНЕ се против членството во ЕУ“.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајлоски, пак, на прес-конференција го повтори партискиот став за предвремени избори.

Секој месец повеќе вештачко одржување на оваа власт на ДУИ и СДС ќе значи две работи, прво губење време, второ уште подлабока криза.

-Власта се донесе и себе и државата во ќорсокак. Една година лажеа дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило уставни измени, за во петокот да стане јасно дека не само што ВМРО-ДПМНЕ не прифатило уставни измени, туку и пратеници од владејачкото мнозинство не поддржуваат промена на Уставот. Во периодот до избори ДУИ и СДС нема да направат ништо добро, напротив ќе продолжат со крадење, а народот ќе биде се посиромашен. Но тие забораваат дека додека крадат и вештачки се одржуваат на власт се повеќе губат на гласови, и наредните избори ќе го доживеат својот најголем пораз – наведе Мисајлоски.

Вицепремиетот за европски прашања Бојан Маричиќ вчера порача дека колку повеќе чекаме повеќе и сè поголеми прашања ќе се отвораат, што само ќе го комплицира процесот и ќе ја зајакнуваат позицијата на Бугарија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, на ден по собраниската седница за уставните измени, завчера изјави дека е совршено јасно дека уставни измени под бугарски диктат нема и нема ниту да има. Според него, лажно е тврдењето на власта и нивното упростување на работите дека од прифаќањето уставни измени под бугарски диктат ќе зависело дали ќе сме биле за ЕУ или против ЕУ. Повтори дека државава е во голема криза, и оти единствено решение се избори, а по изборите ќе понудат решение кое, вели, ќе ги заштити и унапреди државните интереси.