Комплексноста на медиумската писменост и разноличните пристапи за нејзина примена во образованието беа главните теми на дводневниот меѓународен симпозиум организиран од Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС „Во чекор со трендовите: образование за медиумска писменост во сè побрзото секојдневие“, што се одржа на 3 и 4 февруари како дел од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
На онлајн-настанот учествуваа светски познати авторитети за медиумска писменост, како американските професори – Рене Хобс и Пол Михаилидис, но и звучни имиња од Европа и од Западен Балкан кои искуствено потврдија дека систематскиот пристап за развој на медиумската, дигиталната и информациската писменост овозможува обликување на нова реалност – за поголема инклузивност, демократичност, но и поголема отчетност.

На дискусијата што ја следеа повеќе од 500 учесници од 14 земји во светот, беше заклучено дека веќе не е доволно да се едуцираат само младите, туку тоа станува сè поголем предизвик за наставнициите, професорите, библиотекарите и генерално за повозрасната генерација која е заложник на дигиталниот јаз. Медиумската писменост не е самостојна вештина, туку се учи низ континуирани обуки во кои се стекнуваат вештини за критичко размислување, ангажиран и рационален одговор на општествените проблеми како одговор на профитабилната „индустрија на дезинформации“ и растечкиот тренд на теории на заговор.

Реномираната професорка од Рене Хобс, позната по концептот за „Петте прашања за медиумска писменост“ од Факултетот за комуникации и медиуми „Харингтон“ при Универзитетот Роуд Ајленд во САД, посочи дека „е неопходно да го поддржиме развојот на компетентни и самоуверени наставници по медиумска писменост во сите степени на образование, особено во високото образование“.

-Иднината на медиумската писменост ќе зависи од новите модели за поддршка на потребата од доживотно учење за едукаторите. Тоа не вклучува и нас самите од високо образовната заедница, но и библиотекарите, медиумските работници, наставниците во основното и средното образование, хуманистите. Треба да ги поддржиме во доживотното учење и различните лидери во заедницата, кои работат во неформалното образование и во формалното образование. Ние треба да го поддржиме процесот на нашето доживотно образование – рече Хобс.

Во Акцискиот план за дигитална акција на Европската комисија, рече таа, има сет препораки меѓу кои има делови за инфраструктурата, за планирање на активностите, за подигнување и развој на капацитетите во оваа сфера, но тоа што ми падна во очи е препораката дека ние мора да се фокусираме на создавање дигитално компетентни и доверливи наставници, едукатори и тренери и тоа ни е потребно исто толку во високото колку и во основното и во средното образование.

-Во овој извештај на ОБСЕ, околу влијанието на ковид- пандемијата врз образованието се утврдува дека наставниците имаат потреба да научат дигитални вештини повеќе од кога било, но истовремено во него се напоменува дека наставниците немаат интерес лично да се развиваат преку учење од далечина. Тие се потпираат на настава лице в лице, но таквиот тип на настава е многу ограничен кога станува збор за медиумската писменост – изјави Хобс.

Од тоа што може да го забележи, како што истакна, еден од поголемите проблеми за иднината на медиумската писменост е потребата да се развијат способностите на целата образовна заедница на начин што таа ќе може да ја испорача содржината за темите и свеста за тоа што се дезинформации и пропаганда.
-Тие не се развиваат на соодветно ниво – додаде таа.

Според професорот по граѓански медиуми и новинарство на Факултет за комуникации при колеџот „Емерсон“ – САД, Пол Михаилидис „медиумската писменост е клучна за градење на општество кое ќе бара отчетност од јавните институции“.

-Врз основа на искуствата, уверени сме дека медиумската писменост не треба да биде фокусирана на поединецот. Уште од самиот почеток, практикувањето медиумска писменост треба да обезбеди еднаквоста и вклученост. Во ресурсите на медиумската писменост треба да има и упатства за едукаторите кои можеби би биле ангажирани во средини во кои тие не би уживале поддршка – рече Михаилидис.

Професорот Михаилидис на симпозиумот го претстави истражувањето што го спроведува неговиот факултет за влијанието на медиумската писменост во контекст на граѓанска и политичка ангажираност.

Учесниците имаа можност да го слушнат искуството од Финска која со години е на врвот по листата земји со најквалитетно образование, па и со највисоко ниво на медиумска писменост во Европа. Медиумската писменост во Финска се учи уште од претшколската возраст и понатаму е вградена во сите образовни нивоа.

-Медиумската писменост во Финска е така да кажам крос-секторска, односно таа е тема која се обработува во повеќе сектори во администрацијата. Базата е во образованието, односно образовниот сектор, но многу битна е да се спомене дека таа е присутна и во културната политика, во секторот на култура. Но, кога се зборува за врската на медиумска писменост со демократијата во општеството, тогаш во Финска со медиумската писменост се занимава секторот правда и таму на пример од перспектива на правата и правдата, медиумската писменост се врамува како облик на образование за демократијата – истакна Палса.

Медиумската писменост во високото образование во Македонија

На тематскиот панел „Потрага по нови решенија: Образованието за медиумската писменост во Северна Македонија“ беа промовирани резултатите од истражувањето на Институтот за комуникациски студии за застапеноста на „Медиумската писменост во студиските програми на универзитетите во Северна Македонија“. Сеад Џигал, еден од авторите на истражувањето потенцираше дека медиумската писменост се изучува на високообразовните институции, иако таа најчесто е третирана во рамки на наставни програми каде критички се анализираат медиумите и медиумските содржини. Истражувањето покажа дека до 2021 година не постои како посебен задолжителен предмет, но повеќе факултети веќе се во поодмината фаза на акредитирање на ваков предмет (најчесто на педагошките факултети). Сепак, еден од главните заклучоци е дека земјава „каска во однос на имплементацијата на медиумската писменост во образовниот процес“.

-Според студентите, и тие мислат дека медиумската писменост не треба да се ограничува на одредени студиски групи или на одредени факултети. Професорите којшто учествуваа во интервјуата, исто акцентираа дека медиумската писменост и оваа област се еден вид на суштински поврзан дел со функционалната писменост со времето во кое живееме, односно приод во образованието коешто треба да започне во основното образование и да продолжи во средното и високото – рече Џигал.

Освен поголема застапеност на сите нивоа од образовниот процес, кога се предава медиумска писменост треба да се има и посебен пристап, зашто целото учење лесно може да се заборави кога ќе се појави убаво раскажана приказна, односно лажна и погрешна информација.

-Она што ние сфативме е дека не можете да работите директно со студентите за медиумска писменост, туку дека морате да почнете од многу поназад, мора да ги натерате да поставуваат прашања, мора да ги натерате критички да размислуваат мора да работите со нив на нивната обична писменост, на нивната обична функционална писменост во традиционална смисла на зборот а потоа да се работи на дигитална писменост – вели Владимир Трајковиќ професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје.

Професорот Демуш Бајрами од Универзитетот на Југоисточна Европа го посочи ЕРАЗМУС проектот во кој што се работи на справување со дезинформации.

-Потребата од вклучување на медиумската писменост како задолжителен предмет во наставните програми на универзитетите треба да го надмине значи да не биде само предмет на тоа што е административно правно значење, туку уште повеќе како дел од културната надградба на денешниот односно современиот човек на академскиот граѓанин кој би го постигнал тоа преку стекнатото теоретско практично знаење за да биде опремен со потребните механизми за градење на лични ставови и ставови без тие да бидат условувани од влијанијата на медиумите – истакна Бајрами.

Педагошките факултети се исправени пред предизвикот навремено да ги оспособат идните наставници да се справат со налетот на нови медиумски форми. Темите од областа на медиумската писменост, како што покажа и истражувањето на ИКС, најчесто се изучуваат во предметот Медиумска култура, којшто всушност ги следи наставните програми по мајчин јазик во основното образование. Овој предмет најчесто е изборен, и како што велат професорите, е и недоволен.

-Имаме парцијални обиди во нашата држава, во сите образовни нивоа на едукација, имаме обиди за имплементација на медиумска писменост како што беше споменато во резултатите од истражувањето, со инкорпорирање на содржини во различни наставни предмети на сите нивоа во основно и средно образование и во високо образование, меѓутоа прашањето е од кој аспект тоа се работи и колку е тоа во согласност со современите трендови – рече Весна Хорватовиќ.

ИКС го објави и повикот за доделување мали грантови (до 8.500 американски долари), отворен за сите високообразовни институции во земјава кои ќе поднесат предлози вклучување на медиумската писменост во студиските програми. Почнувајќи од оваа па до 2026 година, ИКС и ИРЕКС годишно ќе доделуваат по два гранта на факултетите и универзитетите. Крајниот рок за аплицирање на првиот повик е до 1 март 2022 година.

Што се прави во регионот, што прават младите?

Вториот ден од симпозиумот беше посветен на „Согледувања од соседството: Перспективи на медиумската писменост во Западен Балкан“ на кој учесниците споделија искуство од своите земји. Заклучокот е дека и покрај бројните обуки и воведувањето на медиумската писменост на различен пристап и на различни нивоа во образованието сè уште има долг пат кој треба да се помине за остварување на целта: да бидеме подобри и поангажирани граѓани, и тоа за сите групи и за сите возрасти.

За Лејла Турчило, професорка и раководителка на Катедрата за новинарство на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Сараево, Босна и Херцеговина, медиумската писменост е форма на социјално учење и практика, а не самостојна вештина. Таа зборуваше за потребата од постојано дообразување кај младите и возрасните со медиумска и информациска писменост за кај нив да се поттикнат вештини за критичко размислување, подобрена перцепција и активна партиципација во социјалните прашања.

Состојбата со медиумската писменост во Србија ја сподели Данка Нинковиќ Славниќ од Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград, која изнесе загрижувачки резултати од спроведеното истражување за медиумската писменост. Истражувањето покажало дека и студентите по новинарство имаат ниски познавања за медиумската писменост и мнозинството од нив не знаеле да го препознаат јавниот сервис како арена за различни гледишта, ставови и мислења.

Во Албанија, медиумите имаат одлична репутација. Таа е на врвот од земји во кои довербата во нив е на највисоко ниво. Според истражувањата, над 80 проценти од испитаниците веруваат во нив, а 66 отсто од испитаниците се изјасниле дека имаат доверба во телевизиите.

Во Хрватска се задоволни од нивото на медиумска писменост кај младите, бидејќи оваа сфера е вклучена во формалното образование уште пред десетина години. Според професорката Викторија Цар од Факултетот за политички студии при Универзитетот во Загреб, учениците умеат да го препознаат изворот на вести, да се заштитат кога ги користат дигиталните медиуми и сл. Но, проблем е дигиталниот јаз: возрасните лица с уште не знаат како алгоритмот ги бира вестите и носат одлуки врз основа на лажни вести бидејќи не можат да ги препознаат.

На панелот-дискусијата „Младински предводници за медиумска писменост: трасирање на патот кон подобра иднина“, младите од Македонија побараа поголема застапеност на предметот медиумска писменост во сите нивоа на образование, но и поголема вклученост на наставниците и професорите во ваков тип на настава.

-Нашите професори потребно е да бидат вклучени во образувањето на критичкото размислување, во критичко испрашување, во предизвикувачки поглед на нештата, и да ни помогнат да ги развиеме аргументите – рече Никола Донев од Универзитетско студентско собрание, при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Популизмот не е само политичко движење, туку извор на дезинформации, смета Ива Наскова-Универзитетско студентско собрание, при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
-Историјата на пропагандата покажува дека властите и моќниците пробувале да манипулираат со свеста преку дезинформации –рече таа.

Ако првиот сегмент од медиумската писменост е пристапот до информации и медиумски содржини, тогаш студентите со попречености имаат сериозни инфраструктурни бариери.

-На последниот слајд се само слики од асистивната технологија која ќе им овозможи на студентите со попреченост да можат подобро да ги користат ИТ уредите, тастатурите и маусите. Со поголеми копчиња, со соодветен простор меѓу копчињата и повторувам дека не се потребни многу ресурси за да им се овозможи на лицата со попреченост сами да ги користат овие уреди – вели Елена Ѓурчиноска, студентка на Педагошкиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје.

Искуството со примената на обука за медиумска писменост во десетина училишта низ Албанија дало видливи резултати, и тие го промениле начинот на предавање но и ги поттикнувале учениците на поинаков начин на учење.
Низ илустративен пример, беше истакната потребата од вакви или слични проекти за образување на наставниците за медиумската писменост има и во Србија, каде доминираат содржини за медиумска писменост за младите.

*******

„Младите размислуваат“ е петгодишна програма финансирана од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) која ја спроведува ИРЕКС во соработка со локалните партнери Институтот за комуникациски студии (ИКС), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Младинскиот образовен форум (МОФ).