Обединување на жените во медиумите, новинарки и медиумски работнички во одбрана на нивните професионални и работнички права е главната цел на женската медиумска мрежа „Еднаква“ која што беше промовирана денеска во Скопје.
„Еднаква“ е неформална мрежа создадена од самите новинарки и медиумски работнички во процес на повеќе месечни средби, консултации и обуки и ќе дејствува во рамките на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Како што кажаа членките на работното координативно тело на мрежата ќе биде место каде што жените од медиумите ќе може да се обратат, и не само да бидат слушнати, туку и разбрани и да добијат поддршка.
Според нив потребата за формирање на оваа мрежа е резултат на неправдите, дискриминацијата, кршењето на правата на новинарките и медиумските работнички, но нејзиното дејствување ќе ги опфаќа и генерално предизвиците на жените во општеството, како и подобрување на известувањето за родово сензитивни теми.
– Ќе го кренеме гласот и за сите напади, закани, сексизам, дискриминација, говор на омраза и насилство во интернет просторот, а насочен кон нарушување на личниот итегритет на жените во медиумите со цел нивно заплашување и обезвредување на нивната работа. Ова е проблем кој не запира, туку добива на замав и со тоа се нормализира – рече новинарката и претседателка на координативното тело на мрежата Марија Митевска.
Според иницијаторите мрежата треба да биде една средина која нуди солидарност, почит, поддршка, разбирање и инклузивност.
– Посветени сме на поддршка на жените во медиумите, проширување на мрежата, едукација и создавање средина каде родот нема да биде пречка за постигнување, изразување мислење, заземање на заслужената позиција или остварување на кое било основно човеково право, дури и на работното место – рече членката на координативното тело на мрежата Фатљуме Дервиши.
Една од главните цели на мрежата според новинарката Тамара Грнчароска ќе биде адресирањето на се поголемиот број на напади врз новинарките и медиумските работнички.
– Новинарките и медиумските работнички во Македонија трпат повеќе он-лајн и физички закани и напади од мажите. Ова го потврдува процентот на пријавени напади од страна на новинарките до новинарските здруженија, но и анкетите за безбедноста на новинарите спроведени во изминатиот период, што ја покажува ранливоста на жените вработени во медиумската сфера – порача Грнчароска.
Во наредниот период преку ССНМ ќе информираме како сите заинтересирани ќе можат да станат членки на мрежата. Зачленувањето ќе биде бесплатно, но клучно е да добиме на бројност со цел да имаме поголема репрезентативност во натамошното дејствување.
Формирањето на мрежата беше поддржано од Британскиот совет, а спроведено од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.