Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дали и колку една (нај)широка коалиција на власт (со партии со различни интереси и со личности во нив со различен степен на сомнежи за коруптивна инволвираност) би била поволен општествен амбиент за борба против корупцијата. Нашите соговорници се децидни дека „широките коалиции носат со себе широка палета сомнежи за прикривање коруптивна инволвираност од страна на носителите на власта“, како и дека „во таква ширококоалициска варијанта – корупцијата и корумпираните практично заедно ќе бидат (се) власт!“

Дали концептот на широки коалиции во извршната власт може да обезбеди ефикасна борба против корупцијата и високиот криминалитет

Корупцијата, т.е. справувањето со оваа разјадувачка девијација за секое општество, сѐ понагласено се декларира како приоритетен услов за Македонија да напредува во процесот на евроинтеграциите. Борбата против корупцијата и организираниот криминал се наведува како „итност и неопходност“ во извештаите на Европската комисија за реформските процеси во земјава, но и во пораките и изјавите што ги упатуваат дипломатските претставници од меѓународната заедница. Секако, справувањето со корупцијата е во најголем интерес на државата и нејзините граѓани, така што поставувањето таков услов од меѓународната заедница е во рамките на оние принципиелни стандарди за владеење на правото.
Но тоа што фрла сенка врз чесноста на намерите е што таквите антикорупциски заложби, од збор на збор, завршуваат во ист контекст со непринципиелните барања за измени на македонскиот устав, како услов за започнување на преговорите на Македонија за членство во Европската Унија. Во тој контекст, во македонскиот политички амбиент почнуваат да циркулираат размислувања дека овие два противречни „услова“ за напредување на македонските евроинтеграции можат да се „решат“ со евентуална широка коалиција по изборите, кои треба да се случат во 2024 година. Таквата идеја, пак, ги отвора прашањата дали и колку една (нај)широка коалиција на власт (со партии со различни интереси и со личности во нив со различен степен на сомнежи за коруптивна инволвираност) би била поволен општествен амбиент за борба против корупцијата.

Широките коалиции носат со себе широка палета сомнежи за прикривање коруптивна инволвираност од страна на носителите на власта

Слаѓана Тасева, директорката на „Транспаренси интернешенел-Македонија“, личност докажана со постојани ставови и дела во борбата против корупцијата, смета дека „каква било коалиција, колку и да е широка, не влева оптимизам за борбата против корупцијата ако актерите во неа немаат принципиелен однос спрема таквата борба, без оглед на политичкиот интерес“.
– Досега не видовме позитивен резултат во борбата против корупцијата од различните партиски коалиции правени главно за стекнување со привилегии и придобивки од власта. Ако се прави широка коалиција со актерите од актуелните коалиции, немам голем оптимизам за борбата против корупцијата. Големите во таквите коалиции ќе си останат големи и ќе се наметнуваат врз законските процеси во борбата против корупцијата, а малите партнери ќе останат мали и без значително влијание. Таков пример имавме неодамна со измените на Кривичниот законик, кога министерот за правда (од партија помал коалициски партнер) не сакаше да го потпише и поднесе предлогот во Собранието, но тоа сепак го стори неговата заменичка, претставничка на поголемиот коалициски партнер. Претходно, исто така имавме измени на Кривичниот законик „по мера“ за спроведување на уставните измени според Преспанскиот договор. Борбата против корупцијата секогаш страдала поради политички пазар. Каква било коалиција, колку и да е широка, не влева оптимизам за борбата против корупцијата ако актерите во неа немаат принципиелен однос спрема таквата борба, без оглед на политичкиот интерес. За жал, не можам да видам лидер со таква принципиелна позиција спрема борбата против корупцијата. Но секогаш се надевам дека некој ќе ме демантира – вели Слаѓана Тасева, директорката на „Транспаренси интернешенел-Македонија“.

Во широка коалиција „корупцијата и корумпираните ќе бидат власт“…

Политичкиот аналитичар и поранешен министер за финансии Џевдет Хајредини за опцијата – борба против корупцијата во политички амбиент на широка владина коалиција смета дека тоа е варијанта за „корупцијата и корумпираните да бидат власт“.
– Во услови на (нај)широка коалиција во некоја влада, шансите на корупцијата би биле – таа само и понатаму да се шири до несогледливи размери. Во таква ширококоалициска варијанта – корупцијата и корумпираните практично ќе бидат (се) власт! За борба против корупцијата не може да бидат на власт тие што донесоа закони за амнестирање и застарување на нивните коруптивно-криминални дела. Граѓаните на Македонија немаат никаква корист од тоа што амбасадорите на ЕУ и на САД изразуваат „сериозна загриженост“ поради донесувањето со европско знаменце на Кривичниот законик и коруптивниот договор со приватната компанија „Бехтел и Енка“. На Македонија ѝ е неопходен фронт за борба против епидемијата на криминалот и корупцијата, кои ги зафатиле сите пори на општеството, како што пред неколку дена се изрази амбасадорката Анџела Агелер. Можеби би било поефикасна мерка ако во државите членки на ЕУ и САД, како казна, им се забрани влезот на сите тие што со Законот за амнестија и застарување на кривичните дела за криминал и корупција, кој самите го донесоа, биле, сè уште се и пак сакаат да бидат на власт во Македонија – вели Џевдет Хајредини.