Во согласност со направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање на зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија, информираат од Владата
Со одлука на Владата, сабота спроти недела, на 30 октомври 2022 година, се преминува на зимско сметање на времето. Во 3 часот по полноќ, часовниците ќе се вратат од 3 на 2 часот.
Заклучокот на Владата и оваа година да се продолжи со практиката на менување од летно во зимско сметање на времето е донесен во согласност со сите анализи во информацијата од Министерството за економија, во врска со можноста за продолжување на примената на летното сметање на времето.
– Од прикажаната пресметка за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 до 3,5 проценти за грејната сезона. Во согласност со направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање на зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија – информираат од Владата.
Иницијативата за укинување на менувањето во сметањето на времето двапати годишно е усвоена во Европскиот парламент во 2019 г., со тоа што со примена требаше да започне во 2021 година. Всушност, Европската комисија уште во 2018 година предложи да се укине сезонското поместување на часовникот, Европскиот парламент го поддржа предлогот во 2019 година, но би требало да го усвојат сите земји-членки, а постојаните тензии во Европа со најавите за енергетска криза, се чини дека оваа одлука на ЕК и ЕП ја стави во втор план.
Самата идеја за две годишни промени во сметањето на времето е со намера преку лето подолго да се искористи дневната светлина, додека преку зима да се заштеди на трошоците за енергија. Дополнителните дневни часови во летниот период би можеле да ги намалат трошоците на граѓаните за вештачко осветлување и да им овозможат слободното време да го минуваат на отворено. Сепак, се покажало дека реалните заштеди на енергија се многу маргинални. Намалувањето на потрошувачката на електрична енергија се надоместува со зголемената употреба на греење или климатизација, а исто така и со горива за возилата.
Денес во светот, дури 110 од 192 држави користат летно сметање на времето, а тоа не се користи во Кина, Јапонија, Јужна Кореја и низ африканскиот континент. Повеќето земји што прават сезонски промени во сметањето на времето се во Европа и во Северна Америка. Исланд е исклучок, бидејќи е многу посеверно од цела Европа и има поекстремни варијации на дневната светлина и мракот во текот на годината, па не би имал многу корист од поместување на стрелките на часовникот. Ј.П.