Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2022 година продажбите достигнуваат 8.161.698.989 денари, што е за 14 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 10.988.914.294 денари, што е за 16 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 3 отсто, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 23 отсто. Од вкупните консолидирани продажби 31 отсто се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 69 отсто се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 30 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 отсто, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР, …) се остварени 16 отсто, а на другите пазари се остварени 2 отсто од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Турција (раст од 169 отсто), Полска (раст од 161 отсто), Романија (раст од 138 отсто), САД (раст од 71 отсто), Грција (раст од 44 отсто), Бугарија (раст од 41 отсто), Германија (раст од 38 отсто), Ерменија (раст од 37 отсто), Косово (раст од 14 отсто), Црна Гора (раст од 11 отсто) итн. Во периодот јануари – септември 2022 година во сегментот фармација се реализираа и првите поголеми продажби во Португалија, во износ од 12,5 милиони денари и во Монголија, во износ од 12,8 милиони денари.

Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88 отсто. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со удел од 24 отсто, препаратите ОТЦ со 18 отсто, кардиолошките препарати со 14 отсто, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12 отсто во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 3 отсто, козметика со 7 отсто, а билкарство учествува со 2 отсто. Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2021 година. Сегментот фармација бележи раст од 17 отсто, хемија од 16 отсто, козметика од 5 отсто и билкарство од 26 отсто.

Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2022 година изнесуваат 841.996.474 денари.

Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.917.509.370 денари, бележи зголемување од околу 14 отсто, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.160.140.040 денари и е зголемена за 19 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.980.880.390 денари и бележи раст од 12 отсто, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.140.263.568 денари е зголемена за 15 отсто.
При извршувањето на оперативните активности, АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше над 1.000 домашни доставувачи.

Вработени
Во периодот јануари – септември 2022 година, во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 161 ново вработување во РС. Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2022 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од нето-износ од 30.000 денари. Групацијата АЛКАЛОИД има 2.617 вработени, од кои 2.015 се во базата во Скопје, а 602 се вработени во подружниците во странство.

Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2022 година се движеше од 15.598,00 денари до 19.400,00 денари, или просечно 17.531,40 денари за една акција, што претставува раст од 14,8 отсто во споредба со просечната цена во истиот период од 2021 година. На 30.9.2022 година, акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.309 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 23 милијарди денари.
Бизнис-план за 2022 година
Бизнис-планот за 2022 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на седницата одржана на 29.12.2021 година, предвидува инвестирање на околу 14 отсто од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 8 отсто на консолидираните продажби во однос на 2021 година, како и раст од 7 отсто на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2021 година.
Бизнис-планот за 2022 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2022 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период, друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на ковид-19, како и од енергетската и економската криза. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрозат здравјето на вработените и успешното работење на друштвото.
Во согласност со очекувањата, уште во текот на минатата година здравствената криза се претвори и во економска, а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд започна во 2021 година и доминира и во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергентите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова влијае и на стапката на инфлацијата што, веројатно, како тренд ќе биде уште понагласено во периодот што следува. Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започнувајќи од 24 февруари 2022 година, АЛКАЛОИД АД Скопје презема неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обидувајќи се да им овозможи безбедни услови.
Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.