Поетското творештво на првата современа македонска поетеса, Даница Ручигај беше објавено во препев на словенечки јазик.

Од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ велат дека ова издание е уште една потврда за перспективите на развојот на македонстиката во Словенија во кои постојано се вложува во соработката со Универзитетот во Љубљана.

Авторка на препевот и на поговорот на изданието е младата словенечка македонистика и славистика, учесничка на школите на МСМЈЛК при УКИМ, Маја Ковач, а како издавач, зад овој проект застана Културно-уметничкото друштво „Полица Дубова“.        

 –За успешна преведувачка дејност, неопходно е суштинско разбирање на книжевниот текст, а со тоа и на јазикот на којшто тој е напишан. Во овој поглед, од големо значење е МСМЈЛК при УКИМ. Благодарение на соработката на МСМЈЛК при УКИМ со странските универзитети, вклучително и со љубљанскиот, имав можност да учествувам на две летни и една зимска школа. Организацијата на школите на МСМЈЛК при УКИМ со врвни експерти што држат предавања и лекторска настава за слависти е беспрекорна! Токму програмата на школите на МСМЈЛК при УКИМ и бројните добро осмислени активности, но и самото престојување заедно со професори, лектори и колеги што срдечно ја пренесуваат страста кон македонистиката и на другите, ми овозможи да го усовршам македонскиот јазик – истакнува Ковач, по објавувањето на изданието со поезијата на Ручигај.

Препевот на Ковач е работен според изданието „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“ што го приредија Свето Стаменов и Искра Чоловиќ во 2003 година, по повод 40-годишнината од смртта на Ручигај.

Словенечкиот препев на севкупното поетско творештво на Ручигај е веќе достапен за словенечката читателска публика, а една од неговите промоции се планира и во рамките на активностите на МСМЈЛК при УКИМ.