Архива / Фото: Нова Македонија

Албанскиот опозициски блок денеска оствари средба со новиот претседател на Собранието, Јован Митрески и побара да се деблокира процесот за избор на член на ДИК.

По средбата, Фадил Зендели од Европскиот сојуз за промени во изјава за медиумите рече дека процесот е заглавен кај претседателката на Комисијата за прашања на избори и именувања, Марија Георгиевска и доколку таа во наредните денови не ја деблокира работата на Комисијата, најави кривична пријава против неа.

– Целта на нашата средба беше изборот на членот на ДИК, работа која се одолговлекува со месеци во Собранието, целиот процес е изблокиран во постапките на нашето Собрание кај членот на СДСМ, Марија Георгиевска, која е претседателка на Комисијата за прашања на избори и именувања. Разгледуваме нови алтернативи во нашето политичко делување. Во контакт сме со адвокатска канцеларија во Скопје за да покренеме кривична пријава против претседателката на Комисијата за именувања Марија Георгиевска, доколку таа во следните денови не ја деблокира работата на Комисијата и не дозволува кандидатот на албанската опозиција Абдуш Демири да помине – рече Зендели.

Посочи дека целата постапка се искомплицирала од претходниот претседател на Собранието Талат Џафери, кој како што рече, дал можност на една новоформирана партија која нема законски надлежности да преземе член на ДИК.

– Имајќи предвид дека партијата која што предложи кандидат, значи тој кандидат не беше нивен член, таа партија согласно последните гласања што ги имавме во Собранието се покажа дека ги поддржува мнозинството и дел од извршната власт, а и тие веќе се носители на некои веќе директорски позиции во извршната власт. Јасна е ситуацијата дека таа партија е партија на мнозинството, значи не може да има член на изборна комисија имајќи предвид дека изборниот законик јасно кажува дека тоа место и припаѓа на опозицијата, во конкретниов случај на албанската опозиција – посочи Зендели