Фото: Маја Јаневска-Илиева

И додека земјите од регионот се справуваат со последиците од временската и атмосферска таканаречена суперклеточна бура, Македонија е зафатена од друг феномен на своевидна „правно-политичка, суперклеточна бура“ генерирана од одредена група (квази)интелектуалци и професори, кои со своите ставови, изјави, колумни и интервјуа во јавноста предизвикуваат бури од реакции, нанесуваат тешки штети, вознемиреност и хаос во државата, синхронизирано толкувајќи ги уставните измени и карактерот на државата во манир на велепредавници. Притоа предизвиканата „клеточна бура“ е и многу поопасна бидејќи се заканува на долг рок да го разори македонското национално ткиво и да ја уништи секоја генетски автохтона македонска клетка

ПОКАЗАТЕЛИ ЗА ПОДГОТОВКА ЗА ПОЛИТИЧКОПРАВНА ДЕВАСТАЦИЈА НА ДРЖАВАТА СО УСТАВНИТЕ ПРОМЕНИ

Ако биолошки клетката е основна структурна и функционална единица на сите живи организми, од политичка гледна точка обидите и експериментите што сега се прават врз Македонија и преку промените во Уставот влегуваат во категоријата генетско модифицирање на македонското национално ткиво. Сѐ уште не се почнати собраниската дебата и јавната расправа во врска со предложените уставни измени, а веќе во одредени квазиинтелектуални кругови се пласираат тези што имаат цел да се дефокусира јавноста од вистинските прашања и предизвици со кои се соочува Македонија и вниманието да се подготви и пренасочи на нешто друго (често и од минатото), со цел да се протуркаат предложените уставни измени во сегашна форма, што потоа ќе има далекосежни последици врз македонскиот народ и држава.

Налет од лаги во јавноста од „интелектуалци“ и поранешни носители на високи државни
функционери

И додека земјите од регионот се справуваат со последиците од временската и атмосферска таканаречена суперклеточна бура, Македонија е зафатена од друг феномен на своевидна „правно-политичка, суперклеточна бура“ генерирана од одредена група (квази)интелектуалци и професори, кои со своите ставови, изјави, колумни и интервјуа во јавноста предизвикуваат бури од реакции, нанесуваат тешки штети, вознемиреност и хаос во државата, синхронизирано толкувајќи ги уставните измени и карактерот на државата во манир на велепредавници. Притоа предизвиканата „клеточна бура“ е и многу поопасна бидејќи се заканува на долг рок да го разори македонското национално ткиво и да ја уништи секоја генетски автохтона македонска клетка.
Она што најмногу има потенцијал да збуни, да создаде конфузија, па и иритира е сѐ поочигледната (со умисла и наметната) недоследност во вокабуларот и термините што ги користат овие општествено етаблирани професори и ексфункционери, кои користејќи (злоупотребувајќи) го својот општествен статус пласираат лаги и квазитолкувања што се однесуваат на уставните измени, државотворноста, уредувањето на држава, дефинирањето на карактерот на државата и општеството, дефинирањето на малцинствата, улогата на меѓународната заедница итн. Во сите овие области од нивниот јавен настап (ќе повторам намерно или принудно) е детектирано мешање поими, термини и концепти или, со еден збор, се создава тотална забуна, што во најмала рака е срамно, застрашувачки, во манир на велепредавнички чин за македонскиот народ и за државата. Затоа на сите вакви обиди треба инстантно да се реагира со контрааргументи, докази и факти, со цел граѓаните и јавност да не бидат доведени во заблуда и да можат да ја увидат вистинската состојба. Во спротивно постои опасност сите да бидеме однесени од разорната клеточна уставноправна и политичка бура.

Примери што покажуваат сеење магла и дување на ветерот од источен правец

Во продолжение еве и неколку конкретни показатели. Најпрво одредени интелектуалци и политичари воопшто не прават разлика помеѓу „мултиетничка држава“ и „мултиетничко општество“: што се два различни поима и предмети.
Па така, ќе прочитате и ќе слушнете одредени тези дека „реалноста пресудила во полза на мултиетничка држава“ и дека „таков карактер (мултиетничка држава, а не мултиетничко општество) има македонската држава во моментов“ (!?). Натаму дека таквиот концепт на „мултиетничка држава“ победил над концептот што бил другата алтернатива за Македонија, односно – „етнички чиста Македонија“ (!?). Демек, во оваа втора алтернатива, интенцијата била Македонија да се исчисти од другите етнички ентитети и да стане чисто македонска?!
Ова е сосема погрешен поглед на реалноста. Но ако е некој (евентуално) потплатен да шири вакви лажни ставови, зачудувачки е како одредени претставници на власта ги прифаќаат овие тези, па не прават разлика меѓу вистината и пропагандата. На пример, во образложението за предложените уставни измени од највисоките позиции на државната управа се вели дека главната цел поради која се прават овие амандмански интервенции во Уставот е „да се зајакне мултиетничкиот карактер на РС Македонија, односно на државата“ (?!). Одново истата грешка и заблуда!
Владата мора да знае да направи разлика на тие две категории, кои се од суштинско значење за одредувањето на карактерот на нашата држава!
Притоа Македонија на дело покажува дека е функционално мултиетничко општество и претходно, дури и со векови, што е поздравено и признаено од целокупната меѓународна заедница.
Оттаму крајно небулозно и конфузно звучат образложенијата дека уставните измени сега се прават за да се зајакнела мултиетничноста!? Па токму мултиетничкото општество не само што е најсилна наша страна туку е потврдена и признаена од цел свет. И тоа со децении!
Одиме понатаму.

Македонија сѐ почесто се споредува со Босна!?

Деновиве, повторно поврзано со уставните измени, често се прават и паралели со Босна, па се вели дека идеите за една територија, еден јазик, една историја, проектирана во национално измешан амбиент била рецепт за крвави војни, поделби, цртање и прецртување граници, трансфер на популација итн. Повторно мешање баби и жаби. Споредбата на Македонија со Босна е несоодветна, би рекол злонамерна. Зошто токму Босна е најеклатантен пример за промашен концепт и лошо дефинирање на Уставот, при што во Босна имате три конститутивни народи. Гледаме до каде тоа ја доведе таа држава, која постојано е на работ на бездна, со нефункционални институции, постојани тензии итн. Во македонскиот устав сега се предлагаат дури 13 народи, без притоа јасно да се дефинира кој е носител на државноста и сувереноста. Може само да замислиме каде ќе нѐ однесе нас еден ваков експеримент. Сигурно не во ЕУ, туку веројатно побрзо до распад на државата и деноминација на сѐ што е македонско.
Според уставните експерти, во меѓународното право за поимот делови од народи во официјална употреба е поимот национално малцинство, само малцинство или терминот етничка група.
– Во сите земји во светот тие малцинства или етнички групи се од значење за определување на етничкиот карактер на општеството, но не и на државата. Оттука, споменувањето на народите во преамбулата на Уставот на Македонија создава конфузија во делот на државотворноста и во делот на националната припадност. Направена е забуна, која потоа се согледува и во другите членови на Уставот, во делот кој е државотворен народ на земјата, по чија линија ќе се определува и националноста, односно државјанството во земјата, а кои се малцинства – велат професори по уставно право.
Затоа, неопходна е јасна дистинкција уште во преамбулата на Уставот, во која ќе се нагласи дека носител на државотворноста е македонскиот народ, додека сите други потпаѓаат под категоријата малцинства.
Уште една небулоза што не смее да остане премолчена е пречестото спомнување на меѓународната заедница во актуелните домашни случувања.
Па така, некои велат дека ако ја немаш во својот план меѓународната поддршка воопшто не почнувај?!Демек пресудно е мислењето на меѓународната заедница, а не на македонскиот народ, што е целосно погрешно и неточно. Уставот е внатрешно прашање на секоја суверена држава и тоа јасно го порачува и меѓународната заедница. При какви било уставни измени политичарите мора да се водат исклучиво од интересите на својот народ. Тоа е единствениот план што треба да го имаат пред себе – да ги штитат интересите на сопствениот народ и држава.
Сепак по сето ова што ни се случува, од независноста до сега, меѓу граѓаните и стручната јавност доминира впечатокот дека постојано, од година на година се редуцира државотворниот статус на македонскиот народ и се загрозува унитарниот карактер на државата Македонија. Тој процес особено се засили со измените на Уставот во 2001 година и рамковниот договор, па потоа со Преспанскиот договор и продолжува сега со предложените уставни измени.
Оттаму она што може да се извлече како заклучок е следното. Единствената логична и оправдана причина во однос на уставните измени може да биде само доколку тие се прават за да се зајакне државотворната улога на македонскиот народ, а со тоа и унитарноста на државата!
Во таа насока во амандманските интервенции многу педантно, прецизно, меѓународноправно издржано, политички и јазично коректно треба да се потенцира унитарниот карактер на државата, каде што македонскиот народ е единствен носител на државноста и сувереноста, а сите други се малцинства што ги уживаат сите меѓународно загарантирани права! Така е во целиот свет, зошто не и во Македонија. Таков македонски устав и такви измени ќе бидат и гаранција за заштита на националните интереси, за опстојување на државата, а истовремено и наш билет за ЕУ.