Изборниот процес помина генерално во фер и демократска атмосфера, со низа помали прекршувања предизвикани пред сѐ од партиите на власт и нивните активности, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски на прес-конференција од Изборниот штаб на Гордана Силјановска Давкова.
По затворањето на гласачките места, Муцунски информираше дека досегашните податоци за нерегуларности кои ги добиле од набљудувачите забележале неколку нерегуларности.
– Забележано е вршење на притисок врз гласачи во општина Сарај, импровизиран штаб во непосредна близина на училиштето „Гоце Делчев“ во Гостивар. Исто така, забележани се случаи на семејно и колективно гласање за кое истите лица биле предупредувани од страна на избирачките одбори и акредитираните набљудувачи – рече тој.
Како што дополни, на неколку изборни места во втората изборна единица, поточно во Куманово, нотирани се нерегуларности од типот на нефункционалност на фингерптинт апаратите, или немање на печат.
– Во едно избирачко место, бидејќи немало печат, избирачкиот одбор добил насока од Општинската изборна комисија гласањето да продолжи, па после гласањето да се стави печат. При примопредавањето на изборниот материјал, не биле потпишани сите субјекти – дополни тој.
Муцунски потенцираше дека за сите забелешки ќе постапат пред надлежните институции.
– Затоа што во наш, и интерес на Македонија, е да добиеме чист изборен процес, кој, според нас, треба да заврши со победа на Македонија и визија за реформи и визијата за правда – рече Муцунски.