Хаг: Во судницата на Специјализираниот суд за воени злосторства на Косово досега говореа 96 лица во својство на сведоци во судскиот процес против поранешните водачи на ОВК Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Сељими и Кадри Весељи. На Обвинителството му остануваат уште шест месеци да ги презентира сите докази со кои располага. Обвинението против „четворката“ лидери на ОВК опфаќа воени злосторства и злосторства против човештвото, тортура, незаконско затворање и најмалку 102 убиства во 42 импровизирани кампови во Косово и северна Албанија. Во очекување нови 50 најавени лица да дадат свои изјави во Хаг, информациите говорат дека тие ќе бидат лица од поширокиот регион. И доколку се најдат елементи во изјавите, својството како сведок може да се трансформира во својство обвинет за сторени кривични дела споменати претходно
Продолжува судењето во Специјализираниот суд за воени злосторства на Косово
Според медиумите што известуваат од Хаг, изјавите на сведоците оделе во две насоки. Имено, сведоците Срби зборувале за убиствата на нивните најблиски роднини, за тортурата што ја преживеале и за тоа како останале незаштитени по повлекувањето на српската војска. Сведоците Албанци зборувале против обвинетите само во случаите на конфликтите меѓу припадниците на ОВК и Демократскиот сојуз на Косово на Ибрахим Ругова, додека „не се сетиле“ или „не слушнале“ за убиствата над Србите и Ромите.
Обвинителите во Хаг предупредија на создавање „клима на заплашување сведоци во Косово“!
И покрај тоа што досега во судницата поминаа 96 сведоци, во судските списи се вметнати искази на околу 120 лица, бидејќи судскиот совет некои ги прифати писмено, врз основа на претходни изјави. Обвинителите не ја пропуштија можноста да укажат на климата на заплашување сведоци во Косово. Ова, заедно со можноста тие да го повторат делото, е причината поради која на четворица водачи на ОВК им е продолжен притворот. Тачи, Весељи и Сељими дури извесно време имаа ограничени посети, бидејќи ги заплашуваа сведоците давајќи им доверливи информации на луѓето што доаѓаа на гости. П.Р.