Фото: Архива

Бујар Османи кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбен Таравари кандидатот на опозицискиот блок „Вреди“ и Максим Димитриевски лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија ги собраа потребните 10 илјади потписи од граѓаните за претседателската кандидатура.

Според најновите објавени податоци на Државната изборна комисија (ДИК) заклучно со вчерашниот ден до 20 часот Османи имал вкупно 11.028, Таравари 10.083 гласови и Димитриевски 10.700 гласови.

Потпис за подносителите на кандидатура за претседател на државата оставиле вкупно 48.624 граѓани.

Според пресекот на ДИК, по по овие тројца кандидати најблиску со собирање на потребните е кандидатката поддржана од партијата Левица, Билјана Ванковска-Цветковска која има собрано 7.876 потписи и кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски со 6.676 гласови.

Сите останати на листата од 11 кандидати за шеф на државата имаат помалку потписи – кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачки демократски сојуз има 887, кандидатот Вело Марковски 924 потписи, Ѓорѓи Манасков – 267, Зорица Цветковска – 140, Господин Попоски има 40 потписи. Според податоците од ДИК, во овие четири дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.

Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.

Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори.

Според објавените досегашни податоци од ДИК, до дипломатско – конзуларните претставништва (ДКП) пристигнале вкупно 185 пријави од државјаните на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство за гласање за претседателските избори закажани за 24 парил и за парламентарните избори на 8 мај.

Нашите државјани ќе можат да се пријавуваат за гласање до 18 март електронски или во ДКП-та на нашата држава во земјите каде живеат.

Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.